Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во првите 100 дена од формирањето на Владата – под мотото „Зборот е збор“.

Заев подвлече дека активностите и мерките на Владата во првите сто дена биле насочени кон пет сектори: враќање на парите кај граѓаните, економијата, враќање на институциите во служба на граѓаните, пријателство со соседните земји и отвореност на Владата.

Премиерот го посочи донесениот ребаланс на буџетот, со кој, како што рече, се направени големи кратења на непродуктивните трошоци, а парите се пренасочени кон „потребите на граѓаните“. Во овој контекст, тој ги спомена законите за стечајците, за минимална плата и укинувањето на радиодифузната такса, кои се во собраниска процедура, како и враќањето на евтината тарифа на струјата. Заев нагласи дека во изминатите 100 дена се обезбедени пари за мали и средни претпријатија и за домашни гринфилд-инвестиции, а во овој период се издвоени повеќе од 110 милиони евра помош за земјоделците.

Во однос на надворешната политика, како особено значајно Заев го посочи потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој, како што истакна, е доказ дека „таму каде што има волја, проблемите можат лесно да се решаваат“.

– Овој наш став е водечки и во процесот на реафирмирање на односите со Грција – рече Заев.

Планот „3-6-9“, рече премиерот, ја враќа Македонија на брзата патека на евроатлантските интеграции, а со воената вежба на полигонот Криволак воспоставено е ново ниво на соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.

Заев соопшти дека во текот на оваа недела треба да биде донесена и стратегијата за реформите во правосудниот систем, што е еден од приоритетите на Владата за враќање на владеењето на правото и на довербата во правосудството.

Премиерот го спомена и Законот за употребата на јазиците, со кој, како што рече, се затвора и последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев изјави дека овој закон е поднесен со европско знаменце во Собранието бидејќи е дел од националната програма за усогласување на македонското со европското законодавство.

– Ова е последното легислативно прашање од Охрдискиот рамковен договор. Овој договор, освен законите, кои во најголем дел се донесени, има и свој дух. Тој постои за граѓаните и тие се тие што на крајот кажуваат дали некое прашање е навистина затворено или не – рече Заев.

Во врска со одлуката на министерот за здравство, Арбен Таравари, да се кандидира за градоначалник на Гостивар, Заев рече дека ги почитува политичките и партиските одлуки на коалициските партнери, но додаде дека секој избран функционер има морална и етичка одговорност пред граѓаните.