Вето од Бугарија е повеќе од извесно, но очекувам крик на пријателство, вели премиерот Зоран Заев. Тој нагласува дека до крајот на декември има можност за одржување на прва меѓувладина конференција и дека очекува одговорност и позитивна одлука од бугарската страна

– Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете колку во проценти – повеќе отколку да добиеме позитивна одлука! Сепак никогаш не ја губам надежта заради тоа што одговорноста на политичарите е голема. До декември има време, до крајот на декември е можност за прва меѓувладина конференција. Очекувам одговорност, крик на пријателство од бугарската страна. Ако се испрати негативна порака сите знаеме што тоа може да развие, не ни требаат такви работи ни треба пријателство подадена рака, заедно да го чекориме европскиот пат – порача Заев од Струмица.

Тој кажа дека ако Бугарија не е задоволна од исполнувањето на договорот за добрососедство ќе има можност да стави блокада и во текот на преговорите.

Заев посочи дека историските комисии на двете земји досега постигнале напредок и дека блиску се до компромис и за Гоце Делчев.

– За 20 месеци, одржавме 10 седници. Германија – Полска, Германија – Чешка, исти вакви комисии првите резултати ги имале на десет години од составувањето на Комисијата или се состануваат еднаш годишно. Убеден сум дека со позитивни одлуки градиме пријателство, со негативни одлуки градиме горчина. Двата народи се со заедничка историја и минато и во таа историја се развиле денешните народи. Од словенската јужна група на јазици излезени се двата јазици. Зошто не е доволно заедничко? Како тоа да биде заедничо, а да биде бугарско? Или заедничко а македонско? Заедничко е заедничко. Одговорноста останува на политичарите. Ако се позитивни историјата ќе испише позитивни златни букви. Ако се негативни ќе испише горчина. Но, јас верувам ќе бидеме мудри тоа да го направиме – рече Заев.

Бугарската министерка за надворешни работи пак, Екатерина Захаериева денеска порача дека нема начин Бугарија да каже „да“ за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ во оваа фаза.

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска беа во работна посета на ЈЗУ Општа болница – Струмица. За време на посетата, заедно со директорот на болницата д-р Наќе Гогов, извршија увид на новото крило на болницата кое и наскоро ќе може да почне со работа.

Како што истакна премиерот, новото крило на струмичката болница ќе се докомплетира со средствата од Светска Банка, наменети за оваа и за болниците во Тетово и Охрид.

Во рамки на посетата премиерот Заев реализираше донација од своето семејство – амбулантно возило за струмичката болница.