Министерот за животна средина Нуредини: Полицискиот час покажа дека голем процент од загадувањето доаѓа од транспортот и индустријата

За една деценија (2009-2020) во Македонија се увезени речиси 350.000 употребувани возила | Фото: Арбнора Мемети

Признавајќи дека сепак е далеку целта поставена со Планот за чист воздух за Скопје, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека во борбата за почист воздух треба да се направат уште многу контроли и проверки. Нуредини потенцира и дека за разлика од претходниот став на власта, полицискиот час, кога транспортот беше значително намален, покажал дека сепак транспортот и индустријата се голем фактор за загадувањето на воздухот во Скопје.

„Дали постигнавме 50 проценти намалување? За жал сѐ уште не постигнавме. Причината поради која не постигнавме е поради фактот дека треба да промениме многу во системот за загревање во нашата земја. Треба да направиме многу контроли и проверки во индустријата. Една од клучните работи која всушност ја дознавме, за жал, поради ситуацијата со ковид-19, кога имавме полициски часови, всушност дознавме дека дефинитивно сообраќајот и транспортот значително придонесуваат кон загадувањето. Тоа значително се намали за време на полициските часови.“, вели Нуредини.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини исто така нагласува дека не може да се прогнозира кога ќе се постигне за 50 проценти помало загадување на воздухот, бидејќи треба да има мерки на сите нивоа, а не само од централната власт.

– Не можам да дадам точна прогноза до кога. Причината поради која не можам да дадам точна прогноза, е бидејќи треба да преземеме мерки и треба сите индивидуално, централната влада и локалните власти, всушност треба да преземеме акции. Поради тоа ние всушност чекавме до сега, односно побаравме од Владата и од министерот за правда да го промени Законот за прекршоци и да ги исклучи казните за загадување на животната средина. Тоа всушност неодамна помина на Влада, поточно помина оваа недела, сега ќе оди во Парламентот и јас верувам дека сите во Парламентот ќе го поддржат законот, бидејќи кој и да загадува, за тоа треба да биде казнет и постојат одредени рамки во кои индустријата може да работи – вели Нуредини, напоменувајќи дека се предвидуваат уште амандмани и закони, со кои и општините ќе се задолжат со планови за управување и со акциски планови.

Според министерот, ќе биде изменет и законот за животна средина, со што треба да се идентификуваат сите индустриски „жешки точки“ и загадувачите ќе се задолжат да имаат план за управување за рехабилитација.

На прашањето зошто нема доволно средства за набавка на делови за мерни станици и нови мерни инструменти за станиците за загадувањето, министерот за животна средина и просторно планирање порачува дека економските потешкотии од пандемијата на ковид-19 влијае на тоа, но се купува опрема која до декември треба да пристигне и сине мониторинг станици да почнат да работат.

Во врска со линданот од ОХИС и неговото отстранување, НУредини повторно се повикува на кризата со ковид-19, но нагласува дека процесот не е завршен поради парите за механизацијата.

„Средствата кои се намалени, всушност не се за чистењето, тоа е за управувањето на механизацијата на расчистувањето. Повторно, за жал поради ковид-19, УНИДО која го менаџира процесот и тендерот, не го финализираше тендерот до неодамна. Сега имаме проект кој ќе започне во нова насока, ќе биде чистена помалата депонија, компанијата ќе почне да работи наскоро. Во моментов УНИДО го менаџира процесот. За жал, проектот не започна поради одложувања и затоа всушност ние ги добивме нашите средства назад за да бидат инвестирани во економијата. За следната година, тоа е повторно предвидено, всушност ние успеавме да обезбедиме дополнителни средства од Владата“, нагласува првиот човек на ресорот за здрава животна средина, нагласувајќи дека чистењето на малата депонија на линданот треба да почне најдоцна во вториот квартал на 2021 година.

Во врска со малите хидроелектрани, Нуредини вели дека тие не се предложени од него, но биле одобрени од Владата, а сега треба да се почитуваат одлуките и да се проверува дали тие електрани работат согласно законите.

Велејќи оти инвеститорот на некои мали хидроелектрани над водопадите на Шар Планина ја сфатил важноста на заштитата на природната средина, Нуредини најавува и оти ќе се бори за изградба на Чебрен, која треба да биде голема хидроелектрана што ќе ја направи земјата побогата со електрична енергија и ќе го намали учеството на јагленот во нејзиното производство.