Во идните разговори за разрешување на спорот за името меѓу Македонија и Грција под покровителство на Обединетите нации (ОН), наместо досегашните преговарачи, на чело на преговарачките тимови ќе бидат министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, се согласиле посредникот во преговорите, Метју Нимиц, и премиерот Зоран Заев на нивната денешна средба, извести Владата.
На денешната средба во кабинетот на премиерот, Нимиц ги образложил своите идеи, а Заев ги претставил размислувањата и ставовите на Владата и на државно-политичкиот врв на координативната средба во саботата во Клубот на пратениците. Во разговорот било нагласено и дека во најновата фаза на преговорите е создаден позитивен момент, и дека двете земји покажуваат оти се посветени на натамошно градење на довербата.
На средбата на Заев со Нимиц се разговарало и за средбата на македонскиот премиер со неговиот грчки колега во Давос, на која, соопштува владата „од двете страни беше изразена политичка и добра волја за првите практични чекори како што беше најавеното преименување на автопатот, додека од страна на премиерот на Република Грција беше најавено одблокирањето на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација, и можноста и Република Македонија да стане член на Јадранско-јонската иницијатива“.
Премиерот Заев и посредникот Нимиц на средбата се согласиле дека треба да продолжи атмосфера на добра волја и дијалог во процесот, како единствен начин да се стигне до компромис и взаемно прифатливо решение кое ќе го почитува националниот идентитет и дигнитет на двата народи.