fbpx

За шест месеци Македонците потрошиле 220 милиони евра во домашни онлајн продавници

Граѓаните и понатаму оналајн најмногу купувале од домашните е-продавници. Најмногу пари потрошиле во март, кога кон е-трговците се слеале 41,5 милиони евра

-

Во првите шест месеци од годинава, Македонците потрошиле речиси 220,7 милиони евра кон домашни онлајн продавници, што е пораст од 13,2 отсто во однос на истиот период минатата година, соопштија од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

АЕТМ го анализирала трендот на пораст, како на вредноста, така и на бројот на онлајн трансакциите.

Согласно најновите податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во периодот од јануари до јуни од Народната Банка на Република Северна Македонија (НБРСМ), вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата од Македонци и странци и во странство од Македонци, изнесувала над 328 милиони евра – пораст од 18,5 отсто во однос на истиот период лани.

Бројот на вкупните онлајн трансакции во истиот шестмесечен период изнесувал 9,3 милиони и е за 14,6 отсто повеќе од бројот на вкупно направените трансакции на трансакции на виртуелните места на продажба, што значи дека просечната нарачка по трансакција се зголемила на 35,4 евра. Притоа, просечната трансакција на правните лица е повисока и изнесува скоро 49 евра, додека кај физичките лица е 31,5 евра.

Македонците и понатаму онлајн најмногу купувале од домашните е-продавници. Анализирано по месеци, вредноста што граѓаните ја потрошиле за купување од домашни онлајн продавници била највисока во март кога кон продавниците се слеале 41,5 милиони евра.

Кон домашните е-трговци граѓаните во првата половина од годинава направиле 6,7 милиони трансакции – 10 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Кон странство, пак, биле направени 2,3 милиони трансакции што е повеќе за 30 отсто од истиот период лани.

„Заедно, со домашни и странски платежни картички се потрошиле 233,6 милиони евра во македонските е-продавници за 6 месеци и ако споредиме дека во 2016 година таа вредност за ист период изнесувала само 15,4 милиони евра ќе заклучиме дека имаме голем напредок, но состојбата е далеку од посакуваната да се доближиме до развиените европски земји. Растот и развојот на е- трговијата е во интерес на сите и во интерес на развој на домашната економија и АЕТМ како застапник на е-трговците работи со активности и иницијативи да се креираат соодветни политики и промени кои ќе придонесат кон подобрување на климата за работа и постигнување поголем прогрес“, вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Со странски платежни картички кон домашните е-трговци во првото полугодие од годинава биле реализирани скоро 12,9 милиони евра, односно 17,5 отсто повеќе од истиот период минатата година. Просечната трансакција на странците кон домашните интернет продавници била речиси иста како и минатата година – 37,8 евра.

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба, во првата половина на 2023 година биле отворени 48 нови виртуелни продавници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...