На кои места можете безбедно да купувате онлајн – објавен регистер на верификувани е-трговци во Македонија

Преку регистрите, купувачите  можат лесно да ги проверат продавачите и лесно да се информираат дали купуваат од регистрирани е-трговци со цел да се заштитат себе си од потенцијални измами кои најчесто се појавуваат кога прават нарачки од нерегистрирани субјекти (најчесто преку социјалните медиуми), велат од АЕТМ.

Извор на фотографија: CardMapr.nl on Unsplash

Македонската асоцијација за е-трговија – АЕТМ лансираше нова веб-платформа на која јавно е достапна унапредена верзија од бесплатниот Регистар на сите регистрирани е-трговци во Македонија, кои имаат активен статус и кои нудат е-плаќање за своите производи или услуги, преку една од петте банки во нашата земја кои овозможуваат имплементација на виртуелен ПОС терминал.

Освен бесплатниот Регистар на регистрирани е-трговци, на веб платформата достапен е и Регистарот на верифицирани е-трговци, каде што се прикажани сите е-трговци кои поседуваат „Беџ за верификуван е-трговец“ на своите е-продавници.

„Овие е-трговци, освен што се дел од Регистарот на сите регистрирани е-трговци, подлежат и на дополнителна проверка од страна на АЕТМ, за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата во нашата земја“, велат од АЕТМ.

На овој начин, како што потенцираат од АЕТМ, ќе се влијае во зголемувањето на довербата кај граѓаните при купување преку интернет, особено со извршување на онлајн платежни трансакции со картичка, а дополнително ќе помогне и во намалување на сивата економија, преку транспарентниот и јавно достапен регистар за сите правно валидни е-трговци на кој секој и во секое време ќе може да направи проверка за валидноста на одредена интернет продавница.

„Преку регистрите, купувачите  можат лесно да ги проверат продавачите и лесно да се информираат дали купуваат од регистрирани е-трговци со цел да се заштитат себе си од потенцијални измами кои најчесто се појавуваат кога прават нарачки од нерегистрирани субјекти (најчесто преку социјалните медиуми)“, велат од АЕТМ.

Регистарот на регистрирани е-трговци АЕТМ за прв пат го објави во 2021 година како дел од платформата ecommerce4all.mk во соработка со 5-те банки кои нудат е-трговија во нашата земја.

Во тековната верзија на Регистарот вклучени се е-трговците кои имаат направено најмалку една успешна трансакција во периодот од 01.01.2022 – 30.04.2023, односно во период од 15 месеци, како и е-трговците кои имаат интегрирано онлајн плаќање во една од петте банки и претходно биле дел од регистарот на е-трговци на АЕТМ, а воедно направена е и категоризација на е-трговците.

Е-трговците кои се наоѓаат во регистарот се категоризирани во 25 категории, согласно категоризацијата на Евростат. Согласно категоризацијата, во однос на бројот на активни интернет продажни места најголема е понудата во малопродажба со 55.63%, односно 504 интернет продажни места од вкупниот број и услужни дејности со 44.37%, односно 402 интернет продажни места.

Од Асоцијацијата велат дека наскоро на оваа веб платформа новост ќе биде и можноста на лесен начин да се пријави злоупотреба или неправилност во работењето на верификуваните е-трговци кај институциите, согласно законските регулативи.

Што се однесува до Беџот за верификуван е-трговец, со него ќе може да се стекне секој е-трговец во С. Македонија кој самостојно ќе аплицира за ваков Беџ за верификација и ќе ги помине соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата.