Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 573.4 милиони евра, а од тие дури 34% односно 195.6 милиони евра ги потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ од објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија за 2023 година.

Во однос на 2022 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25.3% повеќе.

Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4.6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. Најмногу трансакции има во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Грција и Германија.

Илустрација: АЕТМ

Најмногу Македонците направиле трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39% од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), додека највисокиот оставерн број на трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.

„Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели може да влијае позитивно и за домашните е-трговци со оглед дека се работи за менување на навики и зголемено користење на онлјан купување воопшто. Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите”, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.

Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26.8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од скоро 23%.

Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 852.3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31.4 евра по трансакција.

Речиси 4 милиони евра или 18.5% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2.6 милиони евра или 9.7% од Швајцарија и 1.7 милиони евра или 6.2% од Обединетото кралство.

Илустрација: АЕТМ

„Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од било кој крај на светот. Остварениот годишен пораст од 23% на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци односно 26.8 милиони евра покажува дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал. Имено од анализата се гледа дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички како по број така и по вредност се направени од земји каде што има македонски иселеници што нѐ упатува на претпоставка која е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници се повеќе го користат овој канал за купување на производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници“, додава преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.