Како што вети македонската влада уште за време на пристигнувањето на донираните вакцини против ковид-19 од Србија, државјаните на оваа соседна земја летово ќе бидат ослободени од плаќање патарина на македонските автопати. Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски за начинот на кој ќе се реализира оваа идеја.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи за распределба на електронски картички (М-Смарт Кард) на српските туристи кои ќе влегуваат во земјава преку граничниот премин Табановце. Станува збор единствено за државјаните од оваа земја кои ќе патуваат со патнички моторни возила, кои би транзитирале на Коридорот 10 во периодот од 15 јуни до 15 август годинава, информираат од владината прес-служба.
Воедно, Министерството за финансии е задолжено да префрли средства во износ од околу 2,8 милиони евра (172 милиони денари) за набавка на 200.000 М-Смарт Кард електронски картички на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард. Оние средства што ќе останат неискористени ќе бидат вратени во државниот буџет.