Дури 93 отсто од македонските домаќинства имаат пристап до вода за пиење од водовод. Водата за пиење во нашата земја се смета за универзално загарантирано право кое треба да биде достапно за сите, по што е можно пониска цена. Граѓаните негодуваат пред секое зголемување на сметките за вода, исто како и во моментите кога мора да се воведат рестрикции за вода или во оној момент кога од чешмите целосно ќе запре испораката на вода. Надвор од овие редовни теми за критика, речиси никој не обрнува на внимание на загубите на вода во водоводните системи низ македонските општини и горливите последици што можат да ги предизвикаат тие во иднина.

Во минатогодишниот Извештај на Светската банка за одржливоста на испораката на општински услуги и финансирањето на нивната инфраструктура се потенцира дека дури 61 отсто од вкупно произведената вода за пиење на национално ниво е неприходувана. Под терминот „неприходувана вода“ е вклучено целото количество на вода што е произведено од јавните претпријатија низ Македонија, а коешто се губи во водоводниот систем пред да биде испорачано до граѓаните или компаниите.

Колку вода за пиење губиме низ цевките по општини?

Државниот завод за статистика пресметал дека во 2018 година низ водоводните системи во општините се изгубиле 140 милиони метри кубни вода. Оваа фрапантна бројка е еквивалентна на вкупната вода што се произведува во скопскиот водоводен систем за период од една и пол година. Најголем процент од питката вода протекла низ цевките преку кои се дистрибуира, дел се краде од несовесните граѓани, а загубата на вода во еден сегмент е и резултат на неточните мерења на самите јавни претпријатија. Во оваа бројка, вклучени се и административните загуби на водата за пиење, кои го опфаќаат полевањето на јавните површини и непреченото функционирање на фонтаните и јавните тоалети.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, процентот на неприходувана вода во 2018 година бил најголем проблем во работењето на јавните комунални претпријатија низ земјава. Овој процент се движи помеѓу 32 и 78 отсто, во зависност од тоа кој е давателот на водната услуга низ општините. Во Годишните извештаи за работењето на јавните комунални претпријатија низ земјава, „Мета.мк“ не секогаш успеа да го извлече податокот за тоа колкав е процентот на водата за пиење што се губи во секој одделен водоводен систем.

Покрај тоа што не секогаш може да се најде овој податок, јавните претпријатија различно ги дефинираат загубите на вода, употребувајќи ги термините како „неприходувана“, „нефактурирана“, „непродадена“ и слично. Па така, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за 2018 година пресметал дека процентот на нефактурирана вода изнесувал 62,93 отсто од вкупното количество на произведената вода за пиење за главниот град. Од општина во општина, овие бројки за неприходувана вода значително варираат.

Енигма е висината на инвестициите потребни за санирање на губитоците

Од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, во кое членуваат повеќе од 80 јавни комунални претпријатија, за „Мета.мк“ велат дека губитоците на водата за пиење во нашите водоводни системи се високи. Светските просеци на губитоци на вода, посочуваат од АДКОМ, се движат помеѓу 30 и 35 отсто во зависност од развиеноста на земјата. Македонија губи речиси двојно повеќе од ваквиот светски просек.

Од АДКОМ признаваат дека застарените водоводни системи, неконтролираниот притисок, недостатокот на опрема за откривање на истекувањата и невоспоставените зони на мерења се главни причинители за загубите на огромното количество на вода за пиење. Сепак, од АДКОМ посочуваат дека немаат податок за тоа колкави инвестиции е неопходно да се вложат на годишно ниво за да се намали процентот на губитоци на вода низ целата земја. Идентичното прашање го поставивме и до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, која е единственото тело што ја регулира цената на водните услуги.

Од комисијата за „Мета.мк“ тврдат дека давателите на водни услуги треба да достават резиме за приоритет на инвестициите во процесот на утврдување на тарифата за водната услуга. Меѓу другото, при определувањето на цената на водата за пиење за секоја општина одделно е вкалкулирано одржливото користење на инфраструктурата, подобрувањето на квалитетот на водните услуги и подобрувањето на ефикасноста.

– Секое јавно претпријатие – давател на водни услуги прави план за инвестиции, согласно финансиите со кои располага. Но она што е неопходно е реален приоритет во решавањето на детектираните проблеми да се даде на дефинирањето каде се губи вода во системот – потенцираат од Регулаторната комисија.

Парите не се единствениот проблем

Експертите нагласуваат дека бесцелното инвестирање во водоводните системи не мора да значи дека вложените средства секогаш ќе доведат до намалени губитоци на вода.

Беким Имери, како стручњак којшто работел со прашањата на локалните услуги долги години наназад, посочува дека кај водоводната мрежа за секоја општина одделно треба да се направи добра анализа за да се детектира од каде потекнуваат губитоците на вода. Тој тврди дека причина за високиот процент на неприходувана вода е резултат на комбинацијата на проблеми од административна и техничка природа.

Првиот приоритет, нагласува Имери, е да се постават мерачи кај сите корисници и редовно да се баждарат истите. Јавните претпријатија треба да вршат редовни мерења на протоците во сите главни гранки на водоводните системи, исто како што треба да го сведат на минимум нелегалното користење на водата за пиење од домаќинствата и фирмите. Тој дополнува дека користењето на питката вода од граѓаните за полевање на јавните површини треба најстрого да се забрани, а заедно со овој чекор, општините треба да ги освестат граѓаните дека протекувањата на вода од хидрантите мора веднаш да ги пријавуваат.

Експертот Имери истакнува дека голем проблем се јавува и кај самите јавни претпријатија низ општините, кои неретко се превработени, со политизирани директори и управни одбори, кои им служат на локалните ограноци на партиите на власт.

– Климатските промени несомнено како резултат ќе имаат намалени капацитети на изворите на вода. Следствено, најевтина инвестиција за нови количества вода би биле тие кои се насочени кон заштедата на вода. Значи, поевтино е да добиете кубик вода преку штедење него преку инвестиција за да се обезбеди кубик вода екстерно – нагласува Имери.

И од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се сложуваат дека е неопходно да се зајакне капацитетот на работа и итно да се измени начинот на работење на давателите на водните услуги. Како дополнителни мерки што јавните претпријатија треба да ги преземат, од комисијата првенствено го наведуваат изработувањето на реален годишен воден баланс, визуелната инспекција на водоводните системи, надворешните обуки за вработените и проекти со специјализирани фирми, како и користењето на напредни технологии за детекција на истекувањата.

Покрај самите локални самоуправи, државата може да помогне и директно за да се намали процентот на неприходувана вода за пиење на национално ниво. Владата преку трансфери за финансирање на програми за намалување на губитоците на вода би можела да им помогне на јавните комунални претпријатија.

Државата помага, ама општините носат одлуки за какви проекти

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ посочуваат дека владата помага за развој на водоводната мрежа низ целата земја. Во изминатите три години преку ова министерство се вложени 9,1 милиони евра во 29 проекти, со кои се изградиле или реконструирале околу 40 километри водоводна мрежа со опфат од 310.300 жители. Во моментов се изведуваат 23 други проекти за подобрување на водоводната инфраструктура, паралелни инвестиции во водоводите има од Министерството за животна средина и просторно планирање и од други владини институции.

Сепак, од Министерството за транспорт и врски велат дека самите општини ги прават приоритетите за инвестиции, при што вложувањето во овие проект се одвива преку заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

– Секоја општина посебно си утврдува приоритетни проекти и ги доставува до министерството, кое понатаму ги испраќа на одобрување во ЕИБ. Министерството за транспорт и врски ја води тендерската постапка за надзор и изведувач – велат тие.

Наспроти ваквите инвестиции, никој во државата засега не знае колкави средства се потребни за да се доведе нивото на загуби на вода, барем на меѓународното прифатливо ниво. Надлежните институции тврдат дека процентот на неприходувана вода има тренд на опаѓање низ годините, а како солидно достигнување го сметаат натамошното опаѓање на ваквите загуби за 2 до 3 отсто на годишно ниво и во текот на наредните години. За да се постигне ова, се поставува како предизвик надминувањето на проблемот со староста на најголем дел од водоводната мрежа низ целата земја, која е изградена пред повеќе од 50 години.

Експертите потенцираат дека парите не се толкав проблем, колку што е потребата од сериозност на пристапот во решавањето на губитоците на вода на национално ниво. А за да се промени пристапот на работа, првенствено е потребно да се изгради свест кај државните и општинските власти, но и кај самите граѓани, дека водата за пиење не е неограничен ресурс. Издашноста на изворите се менува со текот на времето, а количеството на вода од овие извори не може да го гарантира ниту едно претпријатие. Климатските промени веќе е извесно дека ќе влијаат на намалување на капацитетите за водоснабдување во текот на наредните децении, а навремената реакција во земјава е клучна за да не ги почувствуваме негативните последици во секој наш дом.

Автор: Бојан Блажевски