fbpx

Неопходни се сериозни инвестиции за да се намалат загубите на вода за пиење

-

Водоводните системи низ македонските општини се стари по неколку децении и во моментов им се неопходни сериозни инвестиции за да ги намалат загубите на вода за пиење. Податоците за 2018 година на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) покажуваат дека процентот на неприходувана вода изнесувал помеѓу 32 и 78 отсто на годишно ниво кај давателите на водни услуги, односно јавните комунални претпријатија низ македонските општини.

Во овие огромни проценти на ненаплатена вода не влегуваат т.н. административни загуби на вода, која што локалните самоуправи ја трошат за полевање на зеленилото, одржување на фонтаните, јавните тоалети и за други потреби.

– Високиот процент и количеството на неприходувана вода е показател дека неопходно е да се зајакне капацитетот на работа и итно да се измени начинот на работењето на давателите на водни услуги – посочуваат за „Мета.мк“ од Регулаторната комисија за енерфетика и водни услуги.

Од РКЕ потенцираат дека секој давател на водна услуга во процесот на утврдување на тарифата по која ќе ја продаваат водата до крајните потрошувачи треба да достави резиме за приоритет на инвестицијата. Цената на водата за пиење што ја плаќаат граѓаните се определува од нивна страна врз основа на методологија, во која е вклучен и критериумот преку инвестиции да се создадат услови системите за водоснабдување да обезбедат одржливо функционирање на истите и да се подобри квалитетот на водните услуги. Во изминатиов период постоел тренд на намалување на процентот на неприходувана вода на годишно ниво, но тоа не е доволно.

РКЕ нагласуваат дека мора да се изработуваат реални годишни водни биланси за водоснабдителните системи, да се врши визуелна инспекција на водоводите и резервоарите за да се откријат и отстранат истекувањата на водата за пиење, како и да се идентификува оној сегмент од водоводната инфраструктура што е во најлоша состојба и токму тој да се вклучи во инвестицискиот план.

Покрај инвестициите што јавните комунални претпријатија треба самите да ги обезбедат преку ефикасната наплата на сметките за вода, државата преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање учествува со свои средства во унапредување на водоводните системи во земјава. Најголем дел од државните инвестиции доаѓаат токму преку Министерството за транспорт и врски.

Во периодот од 2017 до 2019 година, преку ова министерство биле завршени 29 проекти во вредност од 9,1 милиони евра, со кои се изградиле или реконструирале околу 40 километри водоводна мрежа со опфат од 310.300 жители од нашата земја, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски.

– Самите општини си прават приоритет кои проекти ќе се реализираат во рамките на одредените буџети за оваа намена преку Министерството за транспорт и врски – велат тие.

Од ова министерство потенцираат дека во моментов се реализираат 23 инфраструктурни проекти низ целата земја, меѓу кои се и зафатите за реконструкција на водоводната мрежа во скопско Маџир Маало, Велес, Битола, Радовиш и Кавадарци. Сепак, на самите општински власти и тамошните претпријатија им се остава можноста да ги утврдат приоритетните проекти, кои пак потоа се финансираат преку заемот од Европската инвестициска банка, од каде истите заеми се одобруваат. Следствено на ова, локалните самоуправи определуваат дали ваквите заеми ќе ги искористат за намалување на загубите на вода за пиење или за некои други проекти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...