Фото: ЈП Водовод и канализација - Скопје

ЈП Водовод и канализација – Скопје, во насока на унапредување и подобрување на услугите за граѓаните, работните процеси како и системот во целост, во соработка со Водовод Будимпешта, и со грант од инструментот Western Balkans Green Center (WBGC), основан во Унгарија за поддршка на зелената транзиција во земјите од Западен Балкан, спроведе проект за намалување на загуби на вода.

Проектот, кој е целосно финансиран преку грант од WBGC во висина од околу 122.000 евра, стигна до финалната фаза од реализацијата на работните активности. Во втората половина на мај започна завршната фаза со теренски активности во определената зона за испитување Трнодол и Жданец. Во овој период зоната била приспособена за изведување на мерењата со кои ќе се детектира промена на протокот на водата во системот, односно загуби на вода, соопштуваат од ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Приспособувањето на зоната е направено со специјализиран тип опрема на неколку клучни точки, преку која се овозможува детектирање на загубите на вода. Откако завршила инсталацијата на специјализираната опрема, во текот на оваа недела тимовите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Водовод Будимпешта и Аквакуст Будимпешта, пристапиле кон изведување на контролните мерења во кои е опфатино ноќно мерење на проток на вода во затворен систем и дневно звучно мерење. По успешното изведување на мерењето следува изработка на извештаи и анализи во насока на зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на загубите на вода и ефектите на климатските промени.

Инсталираната опрема во зоните Трнодол и Жданец останува во сопственост на ЈП Водовод и канализација – Скопје за понатамошна употреба и продолжување на ваквиот тип на мерење.

„Горд сум што и во услови на криза не дозволивме застој во работењето и продолживме со вложување напори и ресурси за подобрување и унапредување не само на работните процеси и услугите кои се насочени кон нашите корисници, туку и кон заштита на расположливите природни ресурси, во нашиот случај водата за пиење. Успешната реализација на проектните активности од овој проект, размената на искуства меѓу тимовите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Водовод Будимпешта и Аквакуст Будимпешта, бенефитите за граѓаните се само дополнителна мотивација за да продолжиме да се движиме во оваа насока“ – изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.