Во сабота се отвора изложбата „Аквизиции – донации 2017-2021“ во МСУ – Скопје

Извор: МСУ-Скопје

Во сабота, на 2 април, со почеток во 12 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се отвори изложбата „Аквизиции – донации 2017-2021“.

Станува збор за поставка чиј начин на претставување се негува уште од 1963 година, а на која ќе бидат изложени дела што музејот ги има добиено по пат на откуп и донација од 2017 до 2021 година. Ќе бидат претставени 35 автори од македонската визуелна сцена, изложени 72 уметнички дела, од кои, осум се откупени од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а 64 се донирани на музејот.

„До 2000 година, МСУ организираше две засебни поставки „Подарени дела“ и „Аквизиции“, кои за првпат се спојуваат во една изложба „Донации – аквизиции 1987-2000“. Оваа изложба, како и претходните, продолжува со истата идеја да ги презентира квалитетот и квантитетот на делата од колекцијата, прикажување на минатото, не заради самата историја, туку и поради рефлектирање на важноста за сегашноста и иднината и за колекцијата и Музејот. Примарната функција, односно начинот на збогатување на колекцијата преку откупна политика и понатаму останува ненадминат проблем, но затоа музејот изразува огромна почит и благодарност до уметниците и донаторите, кои и понатаму несебично ја збогатуваат колекцијата на МСУ“, вели кустосот Ива Димовски, куратор на изложбата.

На изложбата за првпат ќе бидат поставени дела од основоположниците на модерната ликовна сцена како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Томо Владимирски, Драгутин Аврамовски – Гуте  кои досега не се прикажани во јавноста.

Заедно со Ива Димовски, кустос соработник на изложбата е Бојана Јанева.