Девет полицајци повредени и двајца уапсени демонстранти е епилогот на протестите вчера попладне пред објектот на бугарското Народно Собрание, кога противниците на ковид-мерките и пратеници на партијата „В’зраждане“ (Преродба) се обидоа неколку пати да влезат во бугарскиот парламент, јави Бугарската национална телевизија.
Со остра осуда за насилствата и за навредите и нападите врз новинари се огласија владејчката партија „Продолжуваме со промената“ и Советот за електронски медиуми. Беше нападната новинарска екипа на телевизијата бТВ.
Потоа бугарскиот премиер Кирил Петков ги повика противниците на ковид-сертификатите на средба в петок. Вчера попладнето претставници беа примени и од бугарската министерка за здравство.
Уапсени се 32-годишен маж што носел пиштол со гасни патрони, како и 53-годишник, во чиј автомобил е најдена разна муниција и пиротехника.
Се протестираше против законското решение за „зелените сертификати“ за ковид-19, кој е всушност мерка на ЕУ, а се применува не само во Бугарија, туку и во другите членки на Унијата. Организатор на протестот беше партијата „В’зраждане“ (Преродба), која има свои претставници во новиот парламентарен состав.
Проблемите на мирниот протест што започна на пладне, почнаа кога пред парламентарниот објект излегоа пратениците на „Преродба“.
Претходно нејзиниот претседател Костадин Костадинов, кој инаку некогаш и по неколку пати дневно преку видеа се обраќа до јавноста, истото го направи и пред протестот и побара масовно присуство на протестот против, како што рече „рестриктивниот сертификат што ги ограничува човековите права“.
Масата на неколку пати се обидуваше да влезе во парламентот и беше спречувана од полицијата, која беше испратена на задача без штитови и шлемови, со цел да не се креваат тензиите.
Тоа доведе до тоа деветмина полицајци да добијат повреди. Денеска во видео обраќање Костадинов потврди дека нема повредени демонстранти. Тој исто така најави нови протести и нови обиди за влегување на демонстрантите во парламентот и во Владата.
По нередите и неуспехот да се влезе во парламентот, потоа масата демонстранти се упатија кон Министерството за здравство, каде набргу се разотиде.