fbpx

Министерството за транспорт ја одзеде лиценцата на превозникот „Бога Транс“

-

По барање на Државниот инспекторат за транспорт, Министерството за транспорт и врски донесе Решение за одземање на лиценцата за работа на  превозникот „Бога Транс“ од Скопје.

„Министерството за транспорт и врски донесе Решение со кое привремено му се забранува вршење на дејност на превозникот, со што му се одземаат лиценците за внатрешен и за меѓународен превоз на патници, како и изводите од лиценци. Истиот е должен лиценците и изводите од лиценците да ги достави до Министерството за транспорт и врски“, се наведува во соопштението од ова министерство.

Превозникот „Бога Транс“ поседувал лиценца за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници, како и лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Исто така превозникот поседувал и важечки изводи од лиценци за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници и изводи од лиценци за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Државниот инспекторат за транспорт извршил вонреден инспекциски надзор на 21.12.2021 година, при што инспекторот констатирал дека и покрај тоа што превозникот поседувал важечки лиценци, возачот не поседувал валиден сертификат за вршење на дејност во меѓународен сообраќај. Со тоа, утврдени биле неправилности во работењето на правниот субјект, односно работел спротивно на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Имено, согласно член 8 став 1 точка 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, домашно правно или физичко лице може да добие лиценца ако исполнува одредени критериуми, меѓу кои да има вработено во работен однос минимум еден возач по моторно возило.

Превозникот „Бога Транс“ во моментот на инспекцискиот надзор не ја запазил законската одредба да има вработено минимум еден возач по моторно возило, поради што Министерството за транспорт и врски по барање на Државниот инспекторат за транспорт, го донесе Решението за привремено запирање на вршење на дејност.

Министерството за транспорт и врски по автобуската несреќа во Бугарија ја одзеде лиценцата за работа и на компанијата „Беса Транс БТБ“, додека Министерството за економија ја одзеде лиценцата за вршење на туристичка дејност на нивната подружница „Беса травел“.

Инаку, Државниот инспекторат на транспорт кон крајот на декември заплени автобус на „Бога Транс“ кај наплатната рампа Миладиновци, којшто се движел на релацијата Скопје-Истанбул.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...