fbpx

Во Битола „Незаборав“ за Гоце Николовски

-

Битола е подготвена за шестиот по ред „Незаборав“ кој годинава е посветен на македонскиот пејач Гоце Николовски кој прерано замина од овој свет.

Со концерт во живо кој ќе започне утре во 20 часот во големата сала на Центарот за култура, групата „Калабалак” и пејачите Зоран Маневски, Сефедин Бајрамов и Бојан Стојков, ќе се обидат да ги вратат спомените за песните на Николовски кои оставија длабока трага на македонската музичка сцена.

Низ видеоматеријали публиката ќе се потсети не само на неговата музика, оригиналност на изведбата, туку ќе бидат презентирани и некои податоци кои можеби поради скромноста на Николовски биле длабоко скриени во домашните архиви на неговото семејство и пријателите.

– Гоце Николовски е пејач кој ги одбележа 20 и 21 век со мега хитот „Бисер балкански“. Она што е интересно за нашата манифестација е што можеби малкумина го знаат дека тој потекнува од Битола, неговата мајка била од селото Барешни, а татко му од пограничното село Лажец. Неговите песни и дел од неговата помалку позната биографија ќе бидат презентирани на годинешниот „Незаборав“ – вели продуцентот на манифестацијата Панде Димитровски.

Според него особено за одбележување се и настапите на Николовски на битолскиот „Интерфест“ со песната „Простено ти е простено“ и серенадата на фестивалот „Серенада“ во 1993 година.

„Незаборав“ е дел од „Битфест“ и започна во 2010 година кога битолската публика се потсети на Сашка Петковска, наредната година на Јонче Христовски, 2012 на Пепи Бафтировски, во 2013 на Љупчо Спасеноски („Бубамара“), а ланската година беше посветена на доајенот Добри Ставревски.

А.Б

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.