fbpx

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ направија удар врз безбедносниот систем

-

ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од обидот на Зоран Заев и на СДСМ да направат удар врз безбедносниот систем на Република Македонија и врз капацитетите на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи, стои во реакцијата на партијата.

„Особено сме фрапирани од атакот кој Зоран Заев го направи спрема пријателски држави кои многупати досега ѝ помагале на Република Македонија. Зоран Заев, според информациите објавени од медиумите, издаде државна тајна за набавка на опрема и на оружје за специјалните единици на Република Македонија и за комуникација помеѓу безбедносни системи на две држави. Во овие два месеци се изнаслушавме еден куп лаги, манипулации, конструкции и лажни контексти врз база на нелегални, креирани и монтирани разговори, но ова што Заев го говореше во текот на вчерашниот ден е надвор од разумот. Овој човек очигледно не избира средства да ја оствари својата цел преку дестабилизација и нарушување на угледот на државата да се прибере до власт по секоја цена и без поддршка од граѓаните“, стои во соопштението.

Зоран Заев, се вели во реакцијата, свесно сака да го наруши безбедносниот капацитет на државата и да предизвика сериозна дестабилизација.

„Впрочем, целата јавност и досега ги виде сите сценарија, разговори, пораки и намери и на Заев и на целата негова група соработници. Обидот за компромитација, која Зоран Заев ја направи спрема претставници на безбедносни системи на други пријателски држави, јасно говори дека неговата намера е да им наштети на Република Македонија, нејзиниот углед и на соработката со пријателски сулужби. Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи јасно соопшти дека во конкретниот предмет станува збор за донација за набавка на сериозен капацитет оружје и опрема за потребите на специјалните единици на Министерството. Дополнително, беше соопштено дека за целиот случај постојат документи кој ја потврдуваат законитоста на донацијата. Зоран Заев свесно одработува против интересот на Република Македонија, тоа граѓаните го гледаат и ќе го казнат. Зоран Заев вчера докажа дека целта на ова сценарио му е напад врз институциите за ослабување и за дестабилизација на државата“, стои во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.