fbpx

ВМРО-ДПМНЕ: Кога беше на власт СДСМ, остави пустош зад себе

-

„Фактите, бројките, статистиката, податоците, извештаите на меѓународните институции ја говорат вистината, а таа е дека во време на СДСМ македонската економија и стандардот на граѓаните одат надолу, а во време на ВМРО-ДПМНЕ македонската економија и стандардот на граѓаните одат во нагорна линија“, стои во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на СДСМ околу измените на Законот за прекршоци.

„На душа на СДСМ оди затворањето на „Фринко Битола“, „ФАС 11 Октомври“, „Астибо“, „ГОДЕЛ Скопје“, „Струмичанка“ и „ЗИК Струмица“, „Алумина“, „Порцеланка“, „Мирка Гинова“, „Свилара“, „Стаклара Скопје“, „Хемтекс“, „Фротирка Делчево“, „Карпош Крива Паланка“ и уште стотици други фабрики низ цела Македонија. Тоа е економската политика на СДСМ! Кога се во опозиција, мед и млеко им тече од уста, а кога се на власт, оставаат пустош зад себе“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека за време на своето владеење, СДСМ ги зголеми даноците за промет на станови, лекови и на ортопедски помагала, медицински потрошен материјал, енергенти, електрична енергија, огревно дрво, со што овие суштински производи за граѓаните драстично поскапеа, но притоа не биле преземени „никакви мерки за подобрување на бизнис-климата, а единствено повластици за водење бизнис имаа припадници на партиската олигархија на СДСМ“.

„Во време на СДСМ, не се отвораа странски инвестиции, а и оние малкуте што беа заинтересирани, како „Ауди“, владата на СДСМ ги бркаше, сè за поранешниот општествен имот без пари да си го распределат меѓу себе. Денес состојбата е сосема поинаква. Се отвораат нови фабрики, се вработуваат илјадници луѓе, а се намалија персоналниот данок, данокот на приход, за одредени категории се воведува ослободување од плаќање даноци и придонеси, се воведе и регулаторна гилотина за да се подобри климата за инвестиции и за водење бизнис“, велат од владејачката партија и додаваат дека Светската банка во својот извештај „Дуинг бизнис“ самата воочила дека Македонија има направено огромен напредок, од 96. позиција во 2006 година (во време на СДСМ) до 30. позиција во 2015 година (во време на ВМРО-ДПМНЕ).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.