fbpx

ОН: Македонските власти да ги известат сите прислушувани

-

Комитетот за човекови права на Обединетите нации во својот последен извештај за состојбата со човековите права во Македонија, објавен вчера, бара од властите во земјава да ги известат сите граѓани што биле цел на нелегалното прислушување, за да можат да ги искористат правните механизми заради нарушеното право на слобода на изразување и на приватност.

„Државата треба да ги преземе сите неопходни мерки да осигура дека нејзините активности за следење се во согласност со обврските преземени со меѓународните документи, особено, треба да се преземат мерки за да се осигура дека секое мешање во правото на приватност е во согласност со начелата на законитост, пропорционалност и на неопходност. Исто така, треба да се осигура дека лицата кои биле незаконски следени, систематски се информирани за тоа и имаат пристап до соодветни правни лекови“, се наведува во заклучоците на Комитетот за човекови права на ОН.

Во заклучоците од извештајот, исто така, се нагласува загриженоста во врска со извештаите за полициската бруталност и прекумерната употреба на сила од службите задолжени за спроведување на законот.

Комитот забележува и на недоволната независност на судството, вклучувајќи ја постапката за назначување и за напредување на судиите, како и обвинувањата за политичко мешање во одредени судски случаи.

Во извештајот се нотирани и наводите за селективна распределба на јавните пари во медиумите и недостигот од „независно работење на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што според извештатите, се должи на именувањето членови на советот од страна на Владата.

„Кај Комитетот постои натамошна загриженост поради извештаите дека новинарите се постојана цел на следење, закани, напади и на притварања“, стои во заклучоците на Комитетот.

Во извештајот се забележува и за процедуралните пречки за доброволен прекин на бременоста, воведени со последните законски измени.

„Државата треба да избегнува понатамошно спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, за отстранување на сите пречки што можат да придонесат жените да бараат нелегални абортуси кои ќе ги изложат на ризик нивните животи и здравје“, стои во заклучоците, во кои се изразува загриженост и поради дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, забрана за излез на Ромите од земјата и условите за мигрантите и за барателите на азил.

Комитетот за човекови права на Обединетите нации го сочинуваат 18 независни експерти, кои го следат практикувањето на правата и на слободите гарантирани со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, во сите земји-членки на ОН.

На крајот на заклучоците, се наведува дека Комитетот од Македонија очекува во рок од една година да ги информира за тоа што е преземено во однос на препораките.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Објавен прирачник за употреба на вештачка интелигенција во новинарството

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) промовираше Прирачник за едукатори по Новинарство: Известување за Вештачка Интелигенција издаден од УНЕСКО, а објавен на македонски и на албански јазик....