fbpx

Владината помош не ги одблокира Берово и Делчево

-

Се бројат деновите до 30 јуни, до кога општините треба да се раздолжат со парите што ги добија од владата од државниот Буџет. Двете општини на крајниот македонски исток, Берово и Делчево, со години се блокирани и работат со месечен лимит определен од судот. Меѓутоа, овие две општини, се чини и натаму ќе останат блокирани и покрај тоа што Владата од државниот Буџет одвои средства за плаќање на половина од долгот. Проблемот е што најголемите доверители одбиваат да се откажат од дел од каматите, што е услов за склучување на договорите и префрлување на парите.

Доверителите на АДГ „Пелагонија“ во стечај, компанија која пред дваесетина години градеше регионален водовод во Општината Берово, одбиваат да прифатат сума намалена за каматите, потврди градоначалникот Звонко Пекевски. Преговорите се водат со главните доверители – Веледрогерија „Пановски“, осигурителната компанија „Винер“ (некогашна „Кјуби“) и Управата за јавни приходи. Од сите доверители, како што вели Пекевски, единствено кај УЈП има расположение за соработка, но остануваат уште другите двајца доверители, кои засега стојат на ставот дека треба да го добијат целосниот износ.

Основниот долг изнесува 7 милиони денари, но заедно со каматите во овие изминати 20 години, Општината Берово е натоварена со обврски од над 22 милиони.

– Општината Берово од државата доби над 24 милиони денари, од кои се раздолживме со другите доверители, а вративме и 11 милиони на доверителите на АДГ „Пелагонија“. Побаравме разбирање за плаќање на останатите пари на 36 рати по 300.000 денари месечно, меѓутоа, доверителите инсистираат да ги добијат парите на 24 рати што би било по половина милион секој месец. Тоа за нас е големо оптоварување и не сме во можност да враќаме со такво темпо ‘ изјави градоначалникот Пекевски.

Општината која била должна близу 60 милиони денари, од доаѓањето на новата власт, до сега успеала да врати околу 32 милиони, вклучувајќи го и долгот од 16 милиони денари за изградба на препумпна станица на Беровското Езеро, проект од ИПА.

И Општината Делчево засега останува блокирана. Најголем доверител е ГД „Гранит“, компанија кој исто така не се откажува од каматите и од останатите процесни трошоци. Главниот долг изнесува 18 милиони денари, плус каматите.

„Во Општина Делчево има доспеани, а неплатени обврски по основа на главен долг во висина од 57.212.540 денари. Овој износ е без пресметани камати и други процесни трошоци. Од страна на Владата имаме добиено 29.178.395 денари кои ќе бидат сите исплатени кон доверителите. Преговорите со доверителите се завршени и можеме да констатираме дека поголем дел од доверителите ги прифатија условите од Законот за финансиска поддршка на ЕЛС“, соопштија од Општината Делчево.

На седница на Советот на Општина Делчево наредната недела е Извештајот од извршените преговори, која според законот треба да го разгледа и прифати.

„За нас, како задолжена Општина овој износ делумно го олесни финансиското работење“, велат од Општината Делчево.

Во претходните година и половина, Општина Делчево има вратено стари долгови во износ поголем од 30 милиони денари од сопствени средства.

Владата одвои 50 милиони евра од државниот Буџет за раздолжување на општините. Министерот за финансии, Драган Тевдовски неодамна изјави дека не се планираат нови средства за оваа намена за општините.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...