На 18 март годинава, кога беше прогласена првата вонредна состојба за справување со пандемијата, премиерот Зоран Заев изјави дека ја поздравува и дека таа ќе придонесе за брзо и ефикасно спроведување на мерките. Тогаш имаше вкупно 48 заболени.

На 15 октомври, пак, Заев изјавува „бројките се до плафон“, „сите можеме да бидеме заразени“, „верувам дека не треба да размислуваме за вонредна состојба“… А, бројката на активни болни се приближува кон 5.000 граѓани, пишува „Вистиномер“ во најновиот Контраспин.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција по друг повод, даде две изјави во кои се препознаваат спинови. Еве ја првата:

Спин: Остануваме конзистетни на нашите политики дека институциите во парламентарна демократија, во нашата земја, треба да бидат максимално функционални. Јас не сум приврзаник на вонредна состојба, иако дава многу поелегантни, поефикасни начини на одлучување. Парламентот, на крајот, е заштитата на слободите и демократските права на граѓаните и тој треба да биде во функција…Сите сме потенцијално во можност да бидеме заразени во периодот што следи. Гледате денеска бројките се навистина до плафон секаде во светот, а и кај нас, Бога ми. Во такви едни околности, верувам дека не треба да размислуваме за вонредна состојба. Вонредната состојба уставотворецот ја опишал ако е веќе „не дај Боже“ ситуацијата и ако се мора тоа да се направи. Така да парламентот треба да работи…

[Извор: Влада/Јутјуб – Изјава на Заев (15.10 мин) – датум: 15.10.2020]

 

Контраспин: Убаво е што премиерот Зоран Заев не е приврзаник на вонредната состојба и што, согласно политиките на Владата и на владејачката СДСМ, е почитувач на парламентарната демократија. Убаво и добро е тоа што декларира дека Парламентот е заштитник на слободите и демократските права на граѓаните.

Но, ако најголемото право на граѓаните во една парламентарна демократија е правото на живот и ако тоа право е во загроза поради енормното влошување на состојбата со јавното здравје, поради енормно зголемениот број на новозаразени од корона врусот секојдневно, тогаш премиерот нема право „да не верува дека треба да размислуваме за вонредна состојба“. Впрочем, самиот Заев е контрадикторен. Тој вели бројките на новозарaзени се до плафон, а такви се и кај нас, вели, и продолжува, „во едни такви околности верувам дека не треба да размислуваме за вонредна состојба“.

При прогласувањето на првата вонредна состојба имаше 48 заболени!

Вонредната состојба, како што вели Заев е „за не дај Боже“ и се повикува на Уставот. Тука е најважен членот 125, кој вели дека „вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии“. Како премиерот Заев го дефинира денес зборот „големи епидемии“? Вонредната состојба за прв пат беше прогласена на 18 март 2020 г. од страна на претседателот Стево Пендаровски, заради поуспешно справување со корона вирусот. Тогаш тоа формално го побара техничката влада предводена од Оливер Спасовски, откако претходно го побараа и Заев и лидерот на опозицијата Христјан Мицкоски. Тогаш, на 18 март имало 12 новозаразени, а вкупната вројка на заболени била 48, броено од првиот случај регистриран на 26.02.2020 (Институт за јавно здравје).

Тој ден, 18.03.2020, Заев изјави:

…Воведувањето вонредна состојба ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните, но истовремено и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните (видео, од 1.02 мин.)

Денеска, 16 октомври 2020 г., имаме 535 регистрирани новозаразени за само еден ден, – на 15 октомври 2020 г. Бројот на активни случаи е 4.597.

Ако претпоставиме просек на 450 заболени во еден ден, ако само 10 отсто од нив имаат средно лоша или лоша клиничка слика и се за хоспитализација, сосема е јасно дека за десетина дена сите болнички капацитети ќе бидат исполнети, дури и ако го калкулираме бројот на оздравените и отпуштени од болниците, бидејќи сега тој број е најмалку за два-три пати помал на дневно ниво од бројот на новозаразените.

Како и кој одредува што е „голема епидемија“?

Според тоа, кој одредува дали станува збор за „голема епидемија“, согласно член 125 од Уставот и како ќе се протолкува тој диспаритет од 12 новозаразени на 18  март 2020 г., кога беше прогласена вонредната состојба, со вчерашната бројка од 535?

Тука се доаѓа до вториот спин на Заев околу здравствениот систем. „Здравствениот систем сигурно нема да колабира, сигурно е дека нема колабира“:

Здравствениот систем сигурно нема да колабира, сигурно е дека нема да колабира. Ние имаме обезбедено болнички кревети за сите. Лекарите, медицинските сестри и целиот здравствен персонал се максимално посветени, полицијата и инспекциските служби си ја вршат работата, а најголема помош ни се граѓаните. Ако навистина ги почитуваме мерките, можеме многу да им помогнеме на лекарите и вработените во здравствениот систем, кои што, јас потврдувам, се истоштени, изморени… И затоа апелирам да ги почитуваме мерките, а здравствениот систем, сигурно ќе се снајде, сигурно ќе опстои, сигурно ќе си ја заврши својата работа и убеден сум дека тоа ќе биде многу поуспешно од многу поразвиени земји во Европската унија. (Видео од 19.35 мин.).

Ова е спин, т.е. извртување на вистината зашто Заев, едноставно, не може да го знае овој факт. Добро е да се упатува оптимистичка порака, но за да не биде спин, треба само да каже дека „ќе сториме сè да не колабира“, а не „сигурно нема да колабира“. Зашто Заев, не знае сигурно колкави и какви ќе бидат бројките во наредните недели, кога ќе се спојат вирусот на грипот со корона вирусот и кога, според сите експерти, бројките ќе бидат големи. Конечно, не е само до бројот на болничките кревети. Пациентите некој треба и да ги лечи. А самиот Заев, како и претходно сите други одговорни во здравството, вели, „лекарите и вработените во здравствениот систем се истоштени“.

Можеби и ќе се изнајдат пари за пазарни инспектори!

Конечно, Заев е свесен дека вонредната состојба овозможува „многу поелегантни и поефикасни начини на одлучување“. Имајќи предвид дека за последниот сет мерки за борба против короната усвоени на 9-тата и на 11-тата седница на Владата, се чека да реши Собранието преку прифаќање на измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, а одлуките на Влада се донесени на 6 и на 13 октомври, имајќи предвид дека законот, сè уште, до денеска, не беше доставен во Собрание. И по итна постапка да биде разгледан и усвоен, сосема е јасно дека тоа најрано може да се случи во текот или при крајот на следната недела, односно 21-22 октомври. За примена на итни мерки во борбата против короната, од употреба на маски, собирања, затворања на економски оператори, контроли по домови за да се спречат собирања, итн., вакум од две-три недели е преголем. Зашто, во вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила, а тие стапуваат во сила утредента!

Конечно, во вонредна состојба, можеби и преку ноќ ќе се изнајдат пари во буџетот за потребните 20-тина инспектори во Државниот пазарен инспекторат, во услови кога 37 одат во пензија до крајот на годината, а од оваа институција се очекува да придонесе во огромна мерка за надзор на мерките и со тоа, намалување на бројката на заразени и заболени од корна!

Поради погоре изложените аргументи, може да се оцени дека изјавите на Заев оти засега немало потреба да се размислува за вонредна состојба и дека здравствениот систем сигурно нема да колабира, се извртување на вистината и се спинови.