fbpx

Вистиномер: Тетовци никако да ги наполнат градите со чист воздух, градот под Шара најзагаден во свет

-

Локалните власти во Тетово, од она што се гледа на терен, немаат спроведено активности за намалување на аерозагадувањето. Погрешните политки со дозволи за градби, индиферентниот однос кон узурпаторите, дивите депонии, придонесоа Тетово да биде број еден загаден град во светот. Сегашната локална власт, пак, во својата предизборна програма вети дека ќе се залага за обновливи извори на енергија, фабрика за рециклирање на отпад, повеќе зелени површини, еколошки транспорт, анализира „Вистиномер“.

Чист воздух и полни бели дробови со кислород за тетовци, особено есенскиот и зимскиот период е мисловна именка. Наутро ретко кој отвора прозорци да направи проветрување во домот, оти наместо чист ќе добие канцероген воздух, чии концетрации како на ПМ 10 така и на ПМ 2,5 честичките достигнуваат и до 400, а во одредени денови и до 1.000 микрограми на метар кубен. Во ноември годинава речиси секој ден тетовци дишеа загаден воздух.

Од загадениот воздух нè печат очите и грлото. Рано започна сезоната на загаден воздух. И не оди на подобро состојбата. Гледаме како постојано никнуваат висококатници кои ја спречуваат нормалната циркулација на воздухот. Улиците, тротоарите и другите јавни површини не се метат и мијат редовно, зеленилото речиси и го нема, еден куп диви депонии, а како што се гледа и на терен, ништо не се презема за ублажување на сообраќајниот и урбаниот хаос во Тетово, раскажува жителка на Тетово.

Сообраќаен хаос во Тетово
Фото: Вистиномер

А, аерозагадувањето секоја година го става Тетово на неславното прво место во светот по загаден воздух. На интернационалната веб страницата www.numbeo.com (онлајн база на податоци на која има информации за условите за живот во одделни земји во светот, вклучувајќи ги трошоците за живот, индикаторите за домување, здравствената заштита, сообраќајот, криминалот и загадувањето), стои дека Тетово во октомври бил најзагаден град, а во друштво е со градови од Непал, Индија, Гана, Монголија.

Проблемите и изворите на загадување веќе се знаат и конечно треба нешто конкретно да се преземе  за решавање на проблемот, велат еколошките организации.

Ние со години се бориме за да се забрза процесот на гасификација, властите си доаѓаат и си заминуваат, сите ветуваат дека ќе биде и пак ништо од тоа. За сиромашни земји како Македонија греењето е луксуз, значи мора да се забрза процесот на гасификација, или други некои алтернативни извори на енергија… Владата излезе со субвенции на инвертери, за да се намали праксата на греење на печки на дрва, но сега со најавената енергетска криза тоа ќе биде проблем…

Мора да се преземат радикални чекори, на пример во сообраќајот да се воведе некој посебен режим во денови на екстремно загаден воздух. Да има контрола на градењето, да не речам да има мораториум за градилишта и високатници. Да се мисли на раззеленувaње на градот. Тетово е град со најнечисти улици и поради тоа има загадување и прашина на која најподолжни се малите деца, затоа што таа прашина се качува практично и лебди на нивна висина. Досега локалните власти не делуваа сериозно, вели Нгадњим Мемети од „Еко Герила“.

Нгадњим Мемети од „Еко Герила
Фото: Вистиномер

Аерозагадувањето и Ковид 19, смртна комбинација

Загадувањето носи смртни последици, но во комбинација со коронавирусот е многу поопасен, велат здравствените работници.Тоа го укажуваат повеќе студии. Во периодов што следи треба да бидеме многу претпазливи, оти веќе сме влезени во таканаречена сезона на загаден воздух, а се очекува и нов бран на ковид-19.

Сега се вршат најнови испитување за смртноста предизвикана од аерозагадувањето, а многу студии покажаа дека Тетово е на  врвот по бројот на смртни случаи. Препораките остануваат исти. Но, комбинацијата ковид и аерозагадување многу лошо влијае, ПМ десет честичките ќе придонесат на некој начин да бидат носач на вирусот длабоко во дишните патишта на луѓето, вели  д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија
Фото: Вистиномер

За негрижата на досегашните градски власти за почист воздух, говори и и таканареченото еколошко дрво кое беше поставено во центарот на градот. Дрвото во форма на билборд поставено во 2017 година имаше за цел да го прочистува градот, кој речиси преку цела година се гуши во загаден воздух. Тоа требаше да ги апсорбира штетните ПМ 10 честички од воздухот, преку мовта на дрвото засадена во садниците. Но, дрвото не издржа ни шест месеци. Садниците се корнеа, а градските власти не го одржуваа доволно.

„Еколошко дрво“ во Тетово
Фото: Вистиномер

Локалните власти од она што се гледа на терен немаат спроведено активности за намалување на аерозагадувањето. Погрешните политки со дозволи за градби, индиферентниот однос кон узурпаторите, дивите депонии, придонесоа Тетово да биде број еден загаден град во светот.

Сегашната локална власт, пак, во својата предизборна програма вети дека ќе се залага за обновливи извори на енергија, фабрика за рециклирање на отпад, повеќе зелени површини, еколошки транспорт.

Во Извештајот на Европската комисија за 2021 година стои дека Северна Македонија треба да ја подобри меѓусекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот, како на локално така и на национално ниво

Меѓу другото, во Извештајот се наведува слабата координација меѓу локалните и централните органи, што го ограничува влијанието на мерките за намалување на аерозагадувањето. Загадувањето на воздухот, стои во извештајот, и натаму во поголемите градови преставува сериозна загриженост, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...