Без оглед на реалното поткревање на стандардите во повеќето области што беа оценувани од ЕУ, непобитен факт е дека главната причина за „зеленото светло“ за отпочнување преговори беа потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија – издејствувани токму од СДСМ, пишува „Вистиномер.мк“ во новиот Контраспин.
Тимчо Муцунски, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференција посветена на ЕУ перспективите на РСМ, изрече констатација во која се препознава спин:
Спин: СДСМ е меѓу главните пречки на Македонија на патот кон Европа. ВМРО-ДПМНЕ нуди решение за таа пречка на претстојните избори
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Т.Муцунски, прес – датум: 02.07.2020]
Контраспин: Да се каже дека СДСМ е меѓу главните пречки на патот кон Европа е повеќе од извртување на вистината, т.е. спин, а токму тоа беше кажано вчера од кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, за кого веќе постојат шпекулации дека е „министер за надворешни работи во сенка“ .
Иако пресот на Муцунски беше испровоциран од пресот на раководството на СДСМ, кое предлог преговарачката рамка на Европската комисија за РСМ ја претстави „како уште една многу важна, историска епизода во нашето движење кон членство во ЕУ“, и иако ни СДСМ не тврди дека со тоа рамката е затворена, Муцунски во контрапресот на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи повеќе аргументи, заврши со спин дека СДСМ била меѓу главните пречки на патот кон ЕУ.
ОД „ЗАРОБЕНА ДРЖАВА“ ДО ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА
Спинот е лесно да се деспинува, само ако се погледнат главните факти од 2001 г., кога во април тогашниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, во Брисел ја потпиша Спогодбата за асоцијација и стабилизација, до денес, со посебен осврт на периодот од 2017 г., јуни, кога извршната власт ја презеде СДСМ, па сѐ до завчерашната одлука на Европската комисија.
Станува збор за 19 години обиди да се добие зелено светло за преговори, во кои и во девет годишната Влада на Никола Груевски имаше позитивни извештаи од ЕК, но таа влада, сепак, заврши со Извештај од Комисијата дека Македонија дошла до состојба на „заробена држава“, каде што демократијата и владеењето на правото беа симнати на најниски гранки, а земјата уште пред 2015 година беше веќе навлезена во длабока политичка криза.
Пробивот беше направен веќе во првиот следен извештај на ЕК во 2018 година, а напредокот се потврди и во следните два извештаи, од кои едниот скратен и направен за потребите на Европскиот совет кога ја носеше одлуката за отпочнување преговори, годинава во март.
И без оглед на реалното поткревање на стандардите во повеќето области што беа оценувани, непобитен факт е дека главната причина за „зеленото светло“ за отпочнување преговори со ЕУ беа потпишувањетоо на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, издејствувани токму од СДСМ.
Поради овие факти, сосема е јасно дека станува збор за очигледен спин од страна на Муцунски кога вели дека СДСМ е меѓу главните пречки на Македонија на патот кон Европа, па дури и да мислел на дејствувањето на СДСМ како извршна власт во внатрешната политика, за што повторно се доказ оценките од Извештаите на ЕК.
УНИЛАТЕРАЛНИ ИЗМЕНИ СЕ РЕЧИСИ НЕВЕРОЈАТНИ И БИ ЗНАЧЕЛЕ ПОВТОРНА БЛОКАДА
И кога сме веќе тука, без оглед дали содржината на овие договори и последиците од нив ни се допаѓаат или не, Муцунски и неговата партија пласираат уште една спин-теза, дека напредокот во односите со ЕУ и патот кон Европа може да продолжи и со понишување или измена на овие договори, посебно на Преспанскиот, бидејќи договорот бил правно „неправен“, така да се рече, зашто не почитувал ниту едно правило од Јус когенс (ius cogens), т.е. непроменливи стандарди и закони во меѓународното право, меѓу кои и стандардот за правото за самоопределување (види тука, последен пасус).
Точно е дека неоја идна влада со двотретинско мнозинство во Собранието може унилатерално да усвои какви било промени во Преспанскиот договор со донесување одлука/декларација за негово поништување/измена, иако тој процес ќе биде повеќе неостварлив отколку остварлив во практика. Пред сѐ поради бројките на пратеници од политчките партии во ова или во некое идно Собрание, кои ги поддржуваат овие два договора. Но, во таков случај на промена на договорите, чесно би било од Муцунски и од ВМРО-ДПМНЕ повторно да не спинуваат и на јавноста да ѝ соопштат реално што ќе настане од таквата постапка – повторно блокирање на пристапниот процес и повторно отворање на билатерален спор/спорови.