fbpx

Вистиномер: Агатангел продолжува да биде политички, наместо божји слуга

-

Иако и Агатангел, како и секој граѓанин на државата, има уставно загарантирано право на слобода на уверување, мисла и говор, Агатангел, така да се рече, има „редуцирано“ право кога станува збор за политички собири замаскирани со граѓански активизам, преполн со спинови од страна на Владиката. Пред сѐ, поради уставно загарантираната секуларност на државата, пишува „Вистиномер.мк“ во новиот Контраспин.

Митрополитот Повардарски Агатангел упати послание со повик за протест во кој се забележуваат спинови:

Спин: На овој семакедонски собор групно со песна ќе се појде до македонскиот парламент да се искаже незадоволство прво кон промената на светото македонско име, промената и непризнавањето на македонскиот јазик, непризнавањето на МПЦ, која е столб и тврдина на оваа света македонска држава. На демократски начин да се избориме за нашите права.

[Извор: МКД.мк-Владиката Агатангел повика…-датум: 26.08.2020]

Контраспин: Владиката Агатангел, суверен православен верски водач во Повардарската епархија на Македонската православна Црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), упати порака до јавноста за учество на чист политичко-партиски собир, иако замаскиран со граѓански активизам, притоа спинувајќи за најважните прашања зошто треба да се одржи собирот.

Но, пред тоа, за да станат појасни деспинувањата во овој текст, најнапред за првата контрадикторност, а таа е нескриената желба на ова свештено лице, освен духовен, да биде и народен, да не речеме политичкки, лидер, наспроти уставно загарантираната и декларирана секуларност на државата. Ова јавноста го детектирала многу пати, а „Вистиномер“ и порано правел проверки на вистинитост на изјавите и спиновите на владиката. Честопати тие биле и со опасно поттикнување на сенародно обединување на Македонците за да се одбранат. Од кого? Од „внатрешниот и надворешниот непријател“.

Под внатрешен, секако може да се подразберат „иноверците“, т.е. сите оние кои не припаѓаат на православното христијанство. „Оние кои бараат двојазичност, оние кои бараат кантонизација, оние кои бараат монетата да биде двојазична…и кои не можат ни тоа да го добијат што го имаат денеска, зашто не се ни 20 посто, не се ни 18 посто, не се ни 15 посто“, беседеше Агатангел, поздравувајќи го барањето на МПЦ-ОА за попис на населението во турбулентната пролет во 2017 година во земјата. А, под надворешен, Агатангел се изјасни кого гледа: дипломатите, на пример, кои ги повика во март 2017 година да не му вршеле притисок на тогашниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов, бидејќи „Бог го избра да биде претседател“(од 9 минута во видеото постирано на Јутјуб).

ИСТИ СПИНОВИ ЗА ИМЕТО, ЈАЗИКОТ, ИДЕНТИТЕТОТ…

И тогаш во 2017 година и сега, Владиката Агатангел користи, безмалку исти спинови. Промената на светото македонско име, промената и непризнавањето на македонскиот јазик, непочитување на нашиот македонски идентитетнепризнавањето на МПЦ…“

„Сто пати“ е повторено, но, очигледно треба и „сто и први“ – нема промена на македонското име. Алудирајќи на промена на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, согласно билатералниот договор со Грција со меѓународни импликации, името не е променето. Додадена е географска одредница, но друга држава Македонија во светот нема.

Истото е и со јазикот, бидејќи со овој договор јазикот воопшто не е спорен, а не е спорен ниту со билатералниот договор со соседна Бугарија за добрососедство и соработка. Тоа што Бугарија, надвор од овој договор, бара сега заедничката историска комисија да признаела дека тоа бил бугарски јазик со западен дијалект до 1944 г., тоа е надвор од договорот и не може да има влијание во меѓународни рамки, дури ни во преговорите со ЕУ, иако може да биде проблематизирано.

За идентитетот важи истото. Во меѓународни рамки, во пасошите на граѓаните е наведено државјанството, а не идентитетот, а секој во оваа држава може јавно да се изразува дома и во странство со именката „Македонец“ или со придавката „македонско“ (види линк).

Конечно, што се однесува до непризнавањата на МПЦ-ОА, Агатангел многу добро знае дека државата од своја страна сторила максимални напори и да ја возобнови МПЦ, а и околу нејзиното сеправославно признавање, мешајќи се во спор, кој, иако де факто е политички, де јуре е црковен, и припаѓа на заедницата на православните цркви, за чие водство отворено се расправаат Вселенската патријаршија и Руската православна црква. Последен обид на државата беше при посетата на државна делегација на Вселенската патријаршија на почетокот од оваа 2020 година. А „столб и тврдина“ на државата не е МПЦ-ОА. Таа е само еден од чинителите кои синтетизираат голем дел од граѓаните и чија основна мисија е да шири љубов и разбирање, а не омраза меѓу луѓето. Столб и тврдина може да бидат и се само граѓаните, без оглед на етничките, верските, политичките или родовите разлики.

Според тоа, во повикот на Агатангел, без сомневање се забележуваат спиновите околу причините за неговото обраќање и причините за одржување на протестот.

*  *  *

Иако и Агатангел, како и секој граѓанин на државата, има уставно загарантирано право на слобода на уверување, мисла и говор, Агатангел има, така да се рече, „редуцирано“ право кога станува збор за замаскирани граѓански иницијативи со политичко-партиски содржини. Исто како и што војниците, полицајците, цариниците и професорите, имаат право на политичко уверување и членување во политичкки партии, но не смеат да водат политички активности во своите работни средини или надвор во своите униформи, така и Агатангел, поради одвоеноста на црквата (верските заедници) од државата, нема право во свештеничка одежда да повикува и учествува на вакви политичко-партиски собири. Но, што да се очекува од човек кој загриженоста за приходите на неговата епархија ги маскира со „герила акции“ од типот прскање на улиците со света вода или со послание за венчавки и крштевки и во ова опасно време, кое Владиката, очигледно, многу го потценува.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...