Измамничка објава на Фејсбук страна нуди на продажба куфери и торби од познатиот светски бренд Самсонајт за само 123 македонски денари. Всушност станува збор за лага, а ако се следат упатствата на објавата за да купите торба ќе дојдедете до некоја организација што ви бара неколку стотина долари донација за да ја продолжеле нивната еколошка мисија во САД, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се нудат на продажба куфери од брендот Samsonite, за 123 денари.
Ова е измама.
Во објавата стои:
Одлични вести, куфери во различни бои и големини за само 123 MKD Како дел од обновувањето на асортиманот, продавницата го распродава вишокот. Има 120 куфери во различни бои и големини. Побрзајте да пополните едноставен формулар под сликата и подигнете го вашиот куфер, па дури и повеќе од еден. Патувајте со нас и притиснете го копчето под сликата.
Еве ги фактите што успеавме да ги провериме:
- Фејсбук страницата која нуди патнички куфер од брендот Samsonite е создадена во април годинава. Во неа е впишана непостоечка адреса: Poliy 67, Skopje, Republic of Macedonia, 568903 и непостоечки телефонски број: +1 212-889-9088.
- Страницата има само 44 допаѓања и 47 следбеници.
- На неа нема ниту една објава, освен понудата на патничка торба – куфер од Samsonite.
- Името на страницата нема допирни точки со познатиот бренд Samsonite.
За да биде поверодостојна измамата и да се намамат што повеќе потенцијални купувачи, под објавата има 11 коментари, сите од задоволни „купувачи“, кои дури со лажни фотографии намамуваат дека го добиле куферот за 123 денари.
Кога ќе се погледнат тие фејсбук профили веднаш е јасно дека се ботови, странски имиња кои пишуваат на македонски јазик.
Доколку кликнете на опцијата „аплицирај сега“ се отвора веб портал The Highlight Voх и текст со наслов „Залудно потрошениот потенцијал на депониите за ѓубре“.
Во поднасловот се наведува: „Токсичните депонии се амблем на еколошка неправда низ САД. Чистата енергија може да ги преправи“.
Нешто што нема никаква врска со понудата, т.е. Samsonite куфери за 123 денари.
На крајот од текстот, разбирливо се бара финансиска поддршка од 95 до 350 долари.
Поддржете ја нашата мисија и помогнете Vox да остане бесплатен за сите со давање финансиски придонес за Vox денес, стои во текстот.
Истата измама, продажба на Samsonite куфер се нуди и на друга Фејсбук страница, само со поинаква фотографија.
И на оваа страница има непостоечка адреса во Тетово и непостоечки телефонски број +1 212-667-8899.
Интересно е да се нагласи дека и под оваа објава ги има истите 11 коментари и тоа од истите фејсбук профили – ботови (странски имиња кои пишуваат на македонски јазик).
Официјалната Фејсбук страница на брендот Samsonite има над 1,6 милиони допаѓања и 1,7 милиони следбеници. На неа е заведена и официјалната веб страница на компанијата.
Таму како прва насловна објава од септември лани до денес стои предупредување до сите потрошувачи за честите злоупотреби на брендот.
-Внимание, внимавајте на лажните Фејсбук страници со сличен изглед на официјалната страница на Самсонајт. Преземаме акција со Мета за да ги отстраниме и блокираме таквите лажни страници, но сепак ве советуваме да бидете внимателни каде купувате онлајн.Иако овие лажни страници може да имаат изглед на официјална веб-страница на брендот и да прикажуваат некои од нашите заштитни знаци и производи, тие не се оригинални и се хостирани на различни веб-домени или URL-адреси. Измамничките веб-страници генерално ги доведуваат во заблуда потрошувачите со рекламирање на социјалните медиуми на Фејсбук или Инстаграм и нудат исклучително ниски, примамливи цени. За да избегнете да бидете жртва на измама, силно препорачуваме да нарачате на нашата официјална онлајн продавница www.samsonite.com, пишува на официјалната страница на Samsonite.
На официјалната веб страница на компанијата јасно е дека нема куфер за 123 денари.
Фејсбук измамите денес се широко распространети. Злоупотребувањето на познати светски брендови стана секојдневие. Продажбите на производи по екстремно ниски цени секојдневно ги бомбардираат социјалните мрежи и залажуваат голем број граѓани. Измамниците постојано креираат нови лаги преку кои ги преземаат личните податоци, а многу често имаат и финансиски бенефит преку внесување на платежните картици.
Граѓаните мора да бидат повнимателни, првенствено добро да ја проверат страницата пред внесување на податоци. Секогаш да купуваат од официјалните страници на брендот, каде има веродостојни податоци, контакт, адреса, веб портал……
Имајте на ум секогаш дека колку е попримамлива понудата, толку е поголема веројатноста дека станува збор за лага.
Поради горенаведените факти овие објави ги оценуваме како дезинформација.