УНЕСКО им даде рок на македонските власти до февруари следната година да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства и засега Охрид нема да биде прогласен за загрозено подрачје.

„Власта до 1 февруари 2020 да поднесе до Комитетот за светско наследство нов извештај за зачувување на имотот, за испитување од Комитетот за светско наследство на 44-та сесија во 2020 година, со можност, во случај да се утврди опасност на нејзината унверзална вредност, да се вметне во листата на Светско наследство во опасност.“

Ова беше одлучено на 43. сесија што се одржува во Баку, Азејберџан.

Главното барање на УНЕСКО е прогласување на мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.

Од македонската делегација зборуваше министерот Едмонд Адеми, кој кажа дека Владата ја запрела изградбата на ски-центарот на Галичица и дека редовно се проверува квалитетот на водата, а формиран е Координативен тим кој ќе работи на исполнување на сите препораки.

Од владината делегација исто така информираа дека дел од градбите кои беа спорни се веќе стопирани, а дека интензивно се работи и на реализацијата на сите останати забелешки кои претходно ги наведе УНЕСКО.