Професорот Рашковски не може да се одвои од ген-секот Рашковски

Премиерот Зоран Заев даде изјава во врска со случајот со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, која „Вистиномер.мк“ ја оцени како „недоследна“:

Прво, се работи за лична чест и достоинство. Ние сме транспарентна влада и го сакаме критичкиот осврт на медиумите, но не може некого да правите салата кога сакате и како сакате, како физичко лице. Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секој е индивидуа и како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството.Само така ќе бидеме нормална земја. Кога прифаќаме да вршиме одредени функции, да му служиме на народот и слично, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го заслужува и кога не.
[Извор: РСЕ, 03.07.2019]

Премиерот Зоран Заев, запрашан за однесувањето на генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски, на неговата прес конференција во врска со скандалот со тенедерот за опрeмa за М-НАВ, децидно се стави во одбрана на Рашковски, особено во делот дека не гледа арогантно однесување кај него и дека има право да се заканува со тужби до новинари, медиуми и политички партии.

Заев тоа го образложи со правото на достоинство што треба да го има секој и споменувајќи го случајот, рече дека „кога прифаќаме да вршиме одредени функции, да му служиме на народот и слично, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го заслужува и кога не“.

Не навлегувајќи во вистинитоста на снимката на која се слуша Рашковски заедно со други лица како зборуваат да се склучи договор со италијанска фирма добавувач врз основа на резултати од тендер и на целиот случај, спорен е ставот и недоследна е реченицата на премиерот со кои го двои Рашковски како генерален секретар на Влада и Рашковски како приватно лице, индивидуа:

Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секој е индивидуа и како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството.

Кога Драги Рашковски се обраќа на јавноста и на прес конференција вели дека ќе покрене правни постапки за заштита на честа и угледот против одредени лица, кои ги именува со име и презиме и против политички организации – партии, Драги Рашковски не ги именува во лично својство лицата што ги споменува, туку ги става во контекст на новинари за кои смета дека со своите написи му ги нарушиле достоинството, честа и угледот.

Но, потполно е исто и со него. Новинарите што ги споменува, не зборуваме тука и за другите споменати, пишувале и пишуваат за Драги Рашковски и неговите постапки не како Драги Рашковски поединец, индивидуа, професор на Правниот факултет во Скопје, туку за Рашковски како за носител на висока функција, именувано лице – генерален секретар на Влада.

Оттука, изјавата на Заев дека Владата нема да тужела новинари, но Драги Рашковски има право тоа да го стори, е само обична флоксула и е недоследна.

Целата анализа на „Вистиномер.мк“ можете да ја прочитате тука.