fbpx

Умно.мк: Што прават новинарите кога ќе се „излизгаат“ на неточна информација?

-

Дневното новинарство е комплексна работа во која брзината на објавување информација има голема улога и често се случува да биде објавена и погрешна информација. Како медиумите ја коригираат грешката?

Со оваа тема се зафати Умно.мк, чија анализа, со посебна дозвола од уредништвото, ја пренесуваме во целост:

Неточно и нефер известување е најчеста причина за приговорите што стигнуваат до Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ). Оваа бројка е повеќе од половина од вкупно пристигнатите жалби до Советот. Следна најбројна причина е незастапена втора страна, а трета – говор на омраза. Како невладина, неполитичка и непрофитна организација чија цел е унапредување на етичките правила и норми во новинарството, статистиката на СЕММ дава интересни податоци за работата на медиумите во Македонија.

Во време кога печатот изгуби голем дел од својата сила, телевизиите се борат со онлајн изданијата за ексклузивност и брзина во објавувањето на информациите, а нови портали чија работа не е регулирана изникнуваат како печурки по дожд, го отвораме прашањето како професионалните медиуми се борат против дезинформациите. Дневното новинарство е комплексна работа во која брзината на објавување информација има голема улога. Во овој процес на работа често се случува да биде објавена и погрешна информација, но постојат механизми како се коригираат грешките. Целта е единствена – доверба кај читателите и јавноста. Прашање е колку медиумите ги користат овие механизми за да ја признаат и коригираат грешката.

Мирче Адамчевски. Фото: СЕММ

Според Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар и претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, малку медиуми јавно кажуваат дека згрешиле. Од формирањето на Комисијата за жалби до денес, примени се вкупно 632 жалби, донесени се 559 одлуки, а имало и 66 жалби за кои немало основа Комисијата да отпочне постапка.– Кој сака да каже дека згрешил?! Од моето искуство во Комисијата за жалби, малкумина се такви, иако Кодексот на новинарите налага нешто спротивно. Се разбира дека има исклучоци, но ретки се. Претежно тоа се медиумите што се членки на СЕММ – вели Адамчевски.

Според него, печатените медиуми сè уште се најпрофесионални во своето работење, додека 80 отсто од претставките се однесуваат на онлајн медиумите. Тие се најбројни, но и најчести прекршители на Кодексот на новинарите.

– Имаме механизам наречен медијација каде што посредуваме меѓу двете страни. Дали ќе објават извинување, демант или текст за да ја објаснат ситуацијата, но на овој начин многу спорови беа решени – објаснува Адамчевски.

Регулација наспроти саморегулација

Кога се подготвувал Законот за медиуми, имало многу дилеми дали законски да биде регулирана работата на онлајн медиумите или начинот на кој ќе работат да биде оставен на саморегулација. Адамчевски вели дека ја избрале втората опција бидејќи регулацијата со себе носи и парични и кривични казни.– Замислете некој онлајн медиум да треба да плати казна од 5.000 или 10.000 евра. Ќе ја затвори својата дејност и никогаш нема да може да продолжи со работа. А во едно недемократско општество, како нашето во Македонија, која и да е партија на власт ќе ја искористи својата моќ за да го затвори медиумот што не работи во нејзина корист. Медиумите секогаш ќе бидат злоупотребувани. Но, добро е да има барем некој регистар каде што ќе бидат зачленети онлајн медиуми што работат професионално. Тие на некој начин би биле обврзани да почитуваат закони, но од друга страна само тие би имале бенефиции да користат субвенции од државата – вели Адамчевски.

Ана Атанасовска е уредник на веб-изданието на дневниот весник „Слободен печат“. Таа вели дека „Слободен печат“ секогаш се труди професионално да ги пренесува информациите, во согласност со Кодексот на новинарите, запазувајќи ги етичките стандарди што ги пропишува овој документ.

Ана Анастасовска. Фото: Слободен печат

– Точно е дека во трка со времето, особено дигиталните медиуми во голем дел подлегнуваат на привлечни вести, кои понекогаш се покажува дека се лажни. На овие појави не бил имун ниту „Слободен печат“. Особено во периодот кога беше актуелна пандемијата со ковид-19 и кога на почетокот се појавуваа секакви вести во врска со непознатиот вирус, а подоцна и со вакцините. Иста ситуација имаме сега со војната во Украина. На социјалните мрежи се шират разноразни видеа на кои не им се знае потеклото. Сепак, како медиум многу внимаваме што објавуваме. Настојуваме содржините убаво да ги провериме пред да им ги пласираме на нашите читатели – објаснува Атанасовска.

Кога ќе објават вест на која „наседнале“ и се покажала како лажна, тоа им го кажуваат на читателите, ја исправаат својата грешка и укажуваат на неа.
– Ова е особено важно во борбата против лажните вести и дезинформациите. Секој медиум е одговорен за она што го пласира како содржина на своите интернет-платформи. Во нашиот медиум секогаш има место за демантите и за второто мислење. Ако сме објавиле некоја вест за која има и демант, секако дека тој ќе се најде на нашата веб-страница или во печатеното издание, во зависност каде била објавена веста. Исто така, во нашиот медиум можете да најдете и полемики што се развиваат преку нашата секција „колумни“ – вели Атанасовска.

Што ако се „протне“?

Лилјана Грџо Дамовска

Лилјана Грџо Дамовска е помошник главен уредник во весникот „Вечер“. Таа вели:
– Веројатно стана теорија тоа што до пред неколку години беше практика (а треба да е обратен процес, нели?!) дека медиумите, без разлика дали се печатени или електронски, да не прават компромиси кога се во прашање етичките стандарди во известувањето. До пред некоја година, а сега многу ретко, од новинарски текст се бараше да мора да биде точен, непристрасен, да ги претставува различните мислења и да ги почитува основните права на поединецот. Но, сега таквиот текст е инцидентен. Веројатно само некои од печатените медиуми, особено тие со подолга традиција, се последниот бастион на професионалниот пристап кон текстот. На рака се бројат дигитални медиуми што ги запазуваат таквите стандарди – вели Грџо Дамовска.

Според неа, новинарите денес се соочени со феноменот на лажни вести, сензационализам по секоја цена, односно дезинформации. А тие ја нарушуваат јавната дебата, ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите и во медиумите, па дури и ги дестабилизираат демократските процеси.

– А се знае, средина во која се шират дезинформации е ранлива и манипулирана. Токму затоа сега е поголема одговорноста и треба да се биде претпазлив при изборот на вести што ќе бидат пласирани во медиумот. Што ако се „протне“? И мала вест што е лажна ќе направи слоновска штета и на двете страни – и на тој на кого се однесува и на медиумот што ја објавил, ако тој се држи до стандардите на професионалното новинарство. Исправка ќе биде објавена (во сериозен медиум тоа е обврска) веќе во следниот број, но никој не може да ја поправи штетата што ја предизвикала информацијата објавена претходниот ден – децидна е Грџо Дамовска.

Горан Ризаов. Фото: Метаморфозис

Според Горан Ризаов, главен уредник на Мета.мк, борбата со дезинформациите е нешто што тие го сметаат за своја основна дејност. Дезинформациите, во смисла на злонамерно ширење лаги со политичка или економска цел, ги сметаат за еден од клучните предизвици на медиумите во Македонија. Предизвик што не само што влијае врз кредибилноста на новинарите, туку наметнува поделби во сите сфери на општеството, па дури и може да ја поткопа стабилноста и безбедносната состојба на државата.

– Новинарите на Мета.мк во борбата со дезинформациите настапуваат исклучително сериозно. Брзината на објавување на вестите и другите написи е во втор план. Она на што најмногу даваме фокус е почитувањето на етичките стандарди и Кодексот на новинарите. Сите написи што се објавуваат на Мета.мк мора да содржат конкретни и кредибилни извори на информации, тие мора да бидат прецизно напишани, без простор за погрешно интерпретирање и манипулација. Избегнуваме да објавуваме текстови со анонимни извори, кои може да се користат само во исклучителни ситуации кога безбедноста на изворот е загрозена во случај да се објави неговото име. Секогаш имаме доза скептицизам кон она што го кажуваат изворите и проверуваме дали зад нивните тврдења може да има лични или организациски интереси – вели Ризаов.
Да се стабилизира разнишаната довербата на граѓаните во медиумите

Дополнително, тие се занимаваат и со директна проверка на факти и расветлување спинови, најчесто објавени од политичарите. Проверката на факти ја вршат според правилата на Меѓународната мрежа за проверка на факти, кои се уште поригорозни од Кодексот на новинарите и не дозволуваат простор за поткопување на кредибилноста. Ризаов објаснува дека уредниците во Мета.мк се оспособени за држење обуки и менторски процеси за начините за борба против дезинформации. Овие вештини ги применуваат и во константен менторски процес при работата со млади новинари со кои соработуваат, но и преку организирање обуки и работилници.

– Сметаме дека добро информираните граѓани имаат моќ самостојно и правилно да носат одлуки за подобрување на демократските процеси, добро владеење и отчетност и одговорност на властите и на другите центри на моќ – вели Ризаов.

Во однос на политиката за објава на деманти, извинувања и појаснувања, Мета.мк се држи до законските норми, до етичките правила, до Кодексот на новинарите, но ја почитуваат и својата интерна политика на корекции и појаснувања, која е јасно наведена на нивната веб-страница во делот „Услови за користење“.

– Уредниците го разгледуваат случајот за одреден демант што го добиваме. Ако се аргументирано поткрепени, ги објавуваме во целост на истото место и на истиот начин како што е објавен текстот што се демантира. Истото важи и за извинувањата за ненамерни грешки и за појаснувањата. Според практиката, во таков случај уште во насловот додаваме дека постои исправка на текстот и пред почетокот или под последниот пасус на текстот додаваме објаснување дека текстот претрпел промени, придружено со извинување до јавноста за ненамерната грешка. Овие евентуални промени потоа ги имплементираме и на написите што се веќе објавени на социјалните мрежи – објаснува Ризаов.

Александра Томиќ

Александра Томиќ е главен уредник на „Блумберг адрија дигитал Македонија“, а до неодамна раководеше со редакцијата на „Фактор“. Таа вели дека практика во работењето ѝ е информациите што ги објавуваат, да се проверуваат најмалку од два извора. Така, анализите се засноваат на релевантни податоци од официјални извори, а авторските содржини се поткрепени со изјави и информации од институции и од други извори на податоци.

– Честопати, речиси секојдневно, во медиумите има информации што се интересни, привлечни за читање, можеби и ексклузивни, но не ги преземаме додека не ги провериме. Ковид-пандемијата, а сега и војната во Украина, ги доведоа медиумите во ситуација да не можат од свои и официјални извори да ги проверат и да ги потврдат информациите. Во ваквите случаи се обидуваме да пренесувамe текстови исклучиво од реномирани и докажани светски медиуми, секако со наведување на изворот. Деманти и реакции, но и дообјаснувања, објавуваме без задршка секогаш кога тоа е побарано од некого и има основа. Се обидуваме да известуваме етички, без говор на омраза. Тоа е императив во нашата работа – вели Томиќ.

Грџо Дамовска смета дека во моментот многу е важно да не се потцени улогата на државата, која мора да создаде услови за професионално новинарство и да ја зголеми медиумската писменост особено кај младите што сакаат да се зaнимаваат со оваа професија.

– Лошиот социо-економски аспект, самоцензурата, нападите и слабата мотивација за младите да се занимаваат со новинарство, само покажуваат дека засега имаме само декларативна заложба за слобода на медиумите и професионално новинарство. Новинарите можат да имаат различни ставови, идеолошки матрици, сето тоа е легитимно, но никогаш не треба да има разлика во разбирањето на етичките стандарди, нивната примена и фактите да бидат апсолутен приоритет. Затоа сега е многу важно да се стабилизира од темел разнишаната доверба на граѓаните во медиумите. Па, нели слободните медиуми се срцевината на општеството? – завршува Грџо Дамовска.

ИзворУмно.мк

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...