fbpx

Украина не ја замолчи короната, ниту пак, настаните во Израел ја замолчија Украина

Сè уште се известува за ситуацијата во Украина, како во македонските така и во светските медиуми, која не е ни блиску до решавање. Но, нормално е медиумскиот фокус да биде насочен таму каде што ситуацијата е потензична

-

Коронавирусот сè уште го има и покрај војната со Украина, иако ситуацијата не е загрижувачка како на почетокот и првата година од пандемијата со ковид-19. Нормално е дека конфликтот што се случува помеѓу Израел и Палестина зазема централно место во медиумскиот простор во моментов. Ама тоа не значи дека случувањата таму се помалку или повеќе важни од руската инвазија во Украина, која не е замолчена како што тврди објавата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Фејсбук објава манипулира со јавноста, тврдејќи дека короната ги замолчила болестите, Украина ја замолчила короната, а сега Израел ќе ја замолчи Украина. Ваквите тврдења се тенденциозни, им недостасува соодветен контекст и се погрешни.

Во објавата пишува:

Короната ги замолчи сите болести,

Украина ја замолчи короната,

Израел сега ќе ја замолчи Украина…и се така претстави и театри во коишто на различни начини се уништува и десеткува човекот,а така ќе е се додека Господ не го врзе Сатаната….

Господи помилуј!!!

Овие тврдења се невистините и ги насочуваат корисниците на социјалната мрежа да донесат погрешен заклучок.

Не е вистина дека кога се појави коронавирусот, замолчеа сите болести односно немаше други болести. Појавата на коронавирусот (ковид-19), кој е предизвикан од инфекција од претходно непознатиот тежок акутен респираторен синдром SARS-CoV-2, ги ослабе економиите и предизвика невидени предизвици за здравствената заштита. На глобално ниво, на милијарди луѓе им беше наредено да останат дома како резултат на карантините и затворањето на границите како една од мерки кои беа преземени за вирусот да не се шири.

Но, пандемијата со ковид-19 која ги преплави здравствените системи ширум светот, имаше значителен ефект и врз дијагнозата и третманот на други болести, коишто не беа замолчени, како што тврди објавата. Социјалното дистанцирање, карантинот, работењето од дома и онлајн наставата ја намалија стапката на заразни болести како што е сезонскиот грип, како што и се очекуваше со намален социјален контакт. Освен тоа, истражувањата покажуваат дека поединци избегнуваа да бараат помош за други здравствени проблеми поради карантинот што доведе до намалена дијагноза и соодветен третман и покрај тоа што проблемите сè уште постоеја. Во меѓувреме, дури и во дијагностицираните случаи, третманот за болести и состојби, како што е ракот, мораше во многу случаи да се одложи поради непосредната закана од здравствените системи и нивните ресурси беа употребувани за справување со ковид. Ова не значи дека другите болести биле замолчени или дека не постоеле.

Исто така и појавата на вирусот нема никаква врска со Украина. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Не е вистина ниту дека Украина ја замолчи короната. Коронавирусот сè уште го има и покрај војната со Украина, иако ситуацијата не е загрижувачка како на почетокот и првите месеци од пандемијата сè до вакцинацијата на населението. Во последната недела на светско ниво биле заболени 122.522 лица, а починале 658 лица. И кога се гледа ситуацијата по држави може да се забележи дека вирусот сè уште постои. Во Македонија епидемиолошката слика е стабилна, иако во изминатата недела од вкупно направени 635 тестови, 140 биле позитивни на ковид-19. Заклучно со 9 октомври 13 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, од кои четворица се на кислородна поддршка, а еден пациент е на неинванзивна механичка вентилација.

Летово новата варијанта на ковид-19 ЕГ.5 или Ерис, стана доминантна во САД, а ја има и во Кина и Британија, но епидемиолозите велат дека нема простор за загриженост.

Иако состојбата не е драматична, сепак, сосема е погрешно да се извлекуваат заклучоци дека тоа има каква било врска со војната во Украина. После повеќе од три години од појавувањето на вирусот, досега се произведоа неколку вакцини за имунизирање на населението, а дел од популацијата се разболи и го прележа вирусот, па доби природна отпорност. Исто така, како и претходните години, кога се стоплува времето луѓето повеќе време поминуваат на отворен простор наместо во затворени простории, па затоа трансмисијата е помала. Но, вирусот е тука и не може да се тврди дека некоја друга светска ситуација го замолчила.

И тврдењето дека Израел ќе ја замолчи Украина е погрешно, односно ја наведува јавноста во заблуда.

Нормално е дека конфликтот што се случува помеѓу Израел и Палестина во моментот зазема централно место во медиумскиот простор. Хамас во саботата наутро изврши изненадувачки ракетен напад врз Израел, а неговите милитанти ја преминаа границата. Израел прогласи состојба на воена подготвеност по што почнаа да изведуваат воздушни напади на Газа како одмазда. За неполна недела бројот на загинати порасна на 2.400, од кои над 1.200 во Израел и најмалку 1.200 во воздушните напади на Газа, а членовите на Хамас држат и заложници во кои има и странски државјани. Тоа не значи дека случувањата таму се помалку или повеќе важни од руската инвазија во Украина којашто не е замолчена, како што тврди објавата. Сè уште се известува за ситуацијата во Украина, како во македонските така и во светските медиуми, која не е ни блиску до решавање. Но, нормално е медиумскиот фокус да биде насочен таму каде што ситуацијата е потензична.

Според сите наведени факти заклучуваме дека оваа објава којашто тврди дека една светска ситуација замолкнува друга (короната ги замолчила болестите, Украина ја замолчила короната, а сега Израел ќе ја замолчи Украина), е манипулативна и ѝ недостасува контекст.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...