fbpx

Украина ќе има рестрикции на струја до март, се евакуираат цивили од Херсон и Миколаив пред зимата

-

Украинските граѓани најверојатно ќе живеат со прекини во снабдувањето со струја барем до крајот на март 2023 година како последица на руските напади на енергетската инфраструктура, пренесува весникот Гардијан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека половина од енергетската инфраструктура на Украина е оштетена од руските напади, оставајќи милиони луѓе без струја и вода додека зимата доаѓа и температурите паѓаат под нулата.

Сергеј Коваленко, директор на главниот приватен снабдувач на енергија „ЈАСНО“ за градот Кијив рече дека работниците брзаат да ги завршат поправките на инфраструктура пред да пристигне зимскиот студ.

„Би сакал сите да разберат: Украинците најверојатно ќе живеат со прекини на струја барем до крајот на март“, рече Коваленко.

Според основното сценарио, доколку Русија не изврши нови напади на електроенергетската мрежа, тогаш во сегашните услови на производство на електрична енергија, дефицитот на електрична енергија би можел рамномерно да се распредели низ целата земја. Ова значи дека прекините во Украина ќе бидат насекаде, но помалку трајни.

Сепак, има различни прогнози за развојот на оваа ситуација и тие целосно зависат од воената агресија на Русија.

Воедно, украинската влада им понуди на луѓето во ослободените населени места во Херсонскиот и Миколаивскиот регион да се евакуираат за време на зимскиот период во побезбедни региони на земјата. Градот Херсон и понатаму останува без струја и вода, што е причина за да им се понуди на граѓаните бесплатна евакуација во регионите со подобра инфраструктура, како и бесплатно сместување.

„Со оглед на тешката безбедносна ситуација во градот и инфраструктурните проблеми, можете да се евакуирате за зима во побезбедни региони на земјата“, напиша вицепремиерката Ирина Верешчук на Телеграм.

Инаку, температурите во некои од регионите на Украина веќе паднаа под нулата, вклучително и во главниот град Кијив.

Во меѓувреме, воените дејствија продолжуваат на истокот на Украина. Како резултат на нападите на руската војска во Донецкиот регион, во текот на вчерашниот ден загинале најмалку четворица цивили во градовите Бахмут, Хеорхивка, Курахове и Петривка, а четири лица се повредени, јавува Укринформ.

Само во текот на изминативе 24 часа, руските сили извршиле девет воздушни напади и седум ракетни напади врз Украина, информираат украинските власти. Погодени биле населени места во регионите Донецк, Луганск, Запорижја и Днипропетровск, а регистрирани се напади и во регионот Суми на североистокот од Украина, пренесува Укринформ.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите Нации потврди дека од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари се регистрирани 6.595 убиени цивили и 10.189 повредени граѓани, пренесува Укринформ. Меѓу загинатите има и деца, а бројката ги опфаќа териториите контролирани од украинската влада и од руските окупациски сили.

Сепак, од Високиот комесаријат за човекови права на ОН веруваат дека вистинските бројки на загинати и повредени цивили во војната се значително повисоки, бидејќи за многу од локациите каде се вршат интензивни воени дејствија се добиваат одложени информации и многу извештаи за страдања на цивилното население чекаат потврда. Ова особено се однесува за Мариупол, Изијум, Лисичанск, Попасна и Северодонецк.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...