Фото: Мета.мк

По денешната средба меѓу „Слобода превоз“ и Градот Скопје, не е постигнат договор за исплата на долгот на градските власти кон приватните превозници. Околу 1 милион евра должи ЈСП-Скопје кон приватните превозници, што доведе до тоа „Слобода превоз“ утрово да прекине со сообраќај на линиите 9, 12, 22, 23 и 45. ЈСП Скопје денеска остана единствен превозник на овие линии, што пак ќе биде идентична слика и утре во Скопје.

Од „Слобода превоз“ велат дека градските власти ги информирале оти немаат пари за исплаќање на долгот. Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ додава дека не добиле гаранции оти ќе им се префрлат средствата од продадените билети, месечните карти и бесплатниот превоз за студентите и средношколците.

„Можам да кажам дека имам чувство дека поради незадоволството на возачите кои вложија свои пари во интерес на граѓаните, а парите не им се надоместени од Градот за извршениот превоз, дека ќе се случат протести и нови штрајкови и блокади“, изјави Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

И Милорад Димитриевски, претседател на „Макекспрес“ по денешната неуспешна средба во Градот Скопје изјави дека ќе одлучат што ќе прават понатаму, но веројатно дека ќе има протести организирани заедно со „Слобода превоз“.

Од „Слобода превоз“ велат дека на градските линии тие нема да возат и утре, а за приградските населби дополнително ќе се одлучи дали нивните автобуси ќе возат. Имено, тука станува збор за приградските линии 11, 11а, 47а, 55, 61, 63 и 73. „Макекспрес“ не вози уште на почетокот од ноември откако Градот Скопје одлучи да го поништи договорот со „Макекспрес“, кој важеше до крајот на 2023 година, затоа што според нив, автобусите на линиите со број 19, 20, 22, 52 и 54 не ги испочитувале предвидените услови за квалитетни услуги. ЈСП Скопје наместо автобусите на „Макекспрес“ се одлучија да пуштат нивни автобуси и возачи за одржување на овие линии.

„Слобода превоз“ денеска не вози низ Скопје, ЈСП со автобуси ги заменува на пет линии

Градоначалничката Данела Арсовска на прес-конференцијата попладнево им порача на приватните превозници ако се незадоволни да ги раскинат договорите што ги имаат со Градот Скопје. Градоначалничката додаде дека утрово ЈСП-Скопје морало да се прилагодува за да ги одржи во функција линиите 9, 12, 22, 23 и 45 на кои „Слобода превоз“ не сообраќа.

Таа изјави дека за приватните превозници од „Слобода превоз“ од 1.6.2022 година до денес биле исплатени вкупно 111 милиони денари од вкупно фактурирани 120 милиони денари што се обврски кон „Слобода превоз“, а ова го докажувала и финансиската документација на ЈСП-Скопје. Во однос на „Макекспрес“, во последните шест месеци имало фактурирано 44 милиони денари и сите биле исплатени.

„Ги повикувам превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ овие протести коишто ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ чиишто директори го генерирале долгот којшто сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство, а исто така и на новото раководство на ЈСП“, изјави градоначалничката Данела Арсовска.

Таа изјави дека нема долг за плати кон приватните превозници и додаде дека приватните превозници имаат обврска да ја фискализираат наплатата на билети, за која што апелираше до Управата за јавни приходи да провери дали истата се исполнува. Арсовска додаде дека приватните превозници имаат обврска навремено да пристигнуваат на автобуските станици, за којшто имало поплаки од граѓаните дека не се исполнува.