Неплатени сметки вчера ја оставија библиотеката „Браќа Миладиновци“ без струја – трет пат за помалку од две години

Библиотеката денеска повторно доби струја. Како јавна установа, „Браќа Миладиновци“ пари за работа добива од Град Скопје

Градската библиотека Браќа Миладиновци - Скопје / фото: Владимир Петков, Wikimedia Commons

Без струја вчера останала Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Причина за исклучувањето биле неплатени сметки за електрична енергија и за дистрибуција на истата.

Исклучувањето на струјата во библиотеката, во рамки на која функционира и најпосетуваната читалница во главниот град, се случува среде испитна сесија на најголемиот универзитет, „Св. Кирил и Методиј“.

Струјата во објектите на оваа јавна установа утрово повторно била пуштена, информираше за Мета.мк директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска.

„Струјата во објектите на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ беше исклучена на 24 јануари 2024 година (среда), во времетраење помалку од 24 часа. Утрово струјата беше пуштена во сите објекти за што навремено ги информиравме сите наши читатели и корисници преку нашите профили на социјалните мрежи“, вели Стојчевска.

Според неа, причина за исклучувањето е една неплатена сметка за електрична енергија и три неплатени сметки за дистрибуција на струјата.

Ова не е првпат Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ да остане без струја. Како што вели Стојчевска, само во нејзиниот мандат од април 2022 година досега, ова е трет пат објектот да остане без електрична енергија.

Како јавна установа, библиотеката средствата за работа ги добива од Град Скопје. Директорката вели дека вчера ги известиле секторите во Градот кои ветиле решавање на проблемот.

Деновиве читалницата во „Браќа Миладиновци“ ја посетуваат стотици студенти, поради испитната сесија која е во тек. Читалницата работи 24/7.