Фото: href="https://pixabay.com/users/fernandozhiminaicela-6246704/?utm_source=link-attribution&utm_medium=referral&utm_campaign=image&utm_content=5722329">fernando zhiminaicela from Pixabay

Студијата од 2020 година во која се тврди дека вакцините ја зголемуваат стапката на ушна инфекција, астма и проблеми со дишењето е повлечена, бидејќи анализата во студијата се базирала на невалидни мерења од страна на авторите, кои не приложиле докази дека вакцината е причинителот за инциденцата на болестите. Обемните студии немаат пронајдено поголема инциденца на несакани ефекти кај вакцинираните деца за разлика од невакцинираните, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека невакцинираните деца се поздрави од вакцинираните. Во состав на постот се споделува и видео, во кое доктор Расел Блејлок, тврди дека вакцините во имуниот систем креираат абнормалности, па „благодарение“ на тоа се зголемува стапката на ушна инфекција, астма, егзема и проблеми со дишењето кај вакцинираните, бидејќи „имуниот систем константно е стимулиран од страна на алуминиумот и меркурот во вакцините, на начин што никогаш нема да го видите со природна инфекција”.

Меѓутоа, студијата во која се тврди дека вакцините ја зголемуваат стапката на ушна инфекција, астма и проблеми со дишењето е повлечена, бидејќи анализата во студијата се базирала на невалидни мерења од страна на авторите, кои не приложиле докази дека вакцината е причинителот за инциденцата на болестите.

Обемните студии немаат пронајдено поголема инциденца на несакани ефекти кај вакцинираните деца кога тие ќе се споредат со невакцинираните. Важен проблем во повлечената студија е тоа што потфрла во тоа да оцени какво е однесувањето на вакцинираните и невакцинираните во поглед на тоа дали барале здравствена грижа во медицинска установа, нешто што во голема мера влијае врз резултатите. Ако некое невакцинирано дете воопшто не побарало здравствена грижа на лекар, тогаш нема ни да биде вкалкулирано во студијата. Дополнително, во студијата се користени информации од пациенти само од неколку одбрани педијатриски клиники, кои не можат да ја претставуваат генералната популација.

Во студијата од 2020 која е повлечена, се разгледувале медицинските досиеја на пациенти од три педијатриски клиники како „пригоден примерок”, и се одбирале досиеја со дијагнози за астма, инфекција на увото и гастроинтестинални проблеми. Авторите на студијата не објасниле зошто токму овие педијатриски клиники биле избрани за примерокот. Потоа, тие го споредиле бројот на вакцинираните деца со некоја од дијагнозите, со бројот на невакцинираните деца и заклучиле дека вакцинацијата е поврзана со повисока инциденца на астма и на ушни инфекции.

Научници кои ја разгледале студијата за Хелт Фидбек изјавиле дека таа има голем број методолошки маани, а само една од нив е тоа што примерокот не бил репрезентативен. Професорката по педијатрија на Делхоуси Универзитетот, вели дека пропорцијата на невакцинираните деца во студијата е многу повисока отколку таа кај генералната популација.

Според извештај на Центарот за контрола и превенција на болести на САД за вакцинална покриеност, само 1,3 проценти од децата во САД се невакцинирани на двегодишна возраст, а во студијата 30 проценти од примерокот во овие три педијатриски клиники биле невакцинирани, вели доктор Карина Топ.

Ова отвора прашања за тоа каков профил на педијатриски болници се одбрале за студијата. Ако докторите во нив не поддржувале вакцинација или биле посклони да даваат медицински исклучоци од вакцинација, овие клиники би помогнале пациентите да одбиваат вакцини поради различни причини.

Доктор Дејвид Горски за Хелт Фидбек вели:

Главниот проблем кога се прави студија со ваков примерок, е тоа што тој ретко е репрезентативен на примерокот од генералната популација и затоа резултатот не смее да биде генерализиран. Што и да правите, кога имате податоци од само три ординации, не смее резултатите да се генерализираат, дека наводно се однесуваат на поголема популација.

Освен тоа што во студијата е прикажан нерепрезентативен примерок, голем проблем е и тоа што истражувачите не ја контролирале разликата меѓу групите на вакцинирани и невакцинирани деца. Ова е важно, бидејќи вакциналниот статус сам по себе е асоциран со други фактори кои можат да имаат влијание на крајните здравствени состојби, но не се резултат на самата вакцинација. На пример, вакцинираните деца е поверојатно да одат на лекар кога не им е добро, споредено со невакцинираните, од повеќе причини, како социоекономски статус, достапност до здравствени услуги и можна поголема доверба во здравствените работници.

Како резултат на тоа, вакцинираните деца многу поверојатно е да бидат дијагностицирани со медицински состојби, но тоа не значи дека се посклони кон тоа да ги развијат тие состојби. Нина Мастерс од Универзитетот во Мичиген посочува дека авторите биле свесни за овој проблем бидејќи и самите во студијата нотирале дека „важна врска се гледа во контролната дијагноза ‘повреда на главата’, која не може да биде предизвикана од вакцината, а може да е индикативна за детектирање разлики во тоа колку двете групи (вакцинирани и невакцинирани деца) бараат лекарска заштита, односно одат на доктор.

Еден од авторите на повлечената студија е Брајан Хукер, хемиски инженер кој претходно објави (исто така отпосле повлечена) студија, наводно покажувајќи повисоки стапки на аутизам кај момчиња – Афроамериканци, кои биле вакцинирани. Студијата користела лажни методи и не успеала да докаже дека авторот нема конфликт на интерес. Вториот автор на оваа повлечена студија од 2020 година е Нил З. Милер, новинар без образование во областа на биологијата или медицината.

За споредба, неколку добро дизајнирани студии, ги испитуваат разликите во здравјето и развојните исходи меѓу вакцинираните и невакцинираните деца и тие студии не детектираат несакани ефекти кај вакцинираните деца. Студија од 2004 година покажува дека нема врска меѓу вакцините и застојот во развојот.

Друга студија покажува дека децата кои се вакцинирани во првата година од животот имале подобри когнитивни тестови. Слично, вакцината против сипаници во земјите како Етиопија, Индија и Виетнам се поврзува со подобри резултати на когнитивните тестови.

Студија од Германија од 2011 година која ја испитувала инциденцата на алергии и инфекции меѓу повеќе од 13 илјади лица, не утврдила дека има несакани здравствени последици кај вакцинираните.

Друга студија од Германија објавена во 2014 година, со над 1300 испитаници пронашла дека вакцинацијата е поврзана со значително пониска инциденца на астма.

Рецензија од 2020 година на 138 студии не нашла докази за да ја поврзе ММР вакцината со астма, бактериска или вирална инфекција, когнитивен застој, тип 1 дијабетес и егзема.

Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот.

Американскиот институт за медицина во 2013 година заклучил дека имунизацијата на децата според редовниот распоред е безбедна.

Американската академија за педијатрија исто така има список на студии кои се релевантни за вакциналната безбедност.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Нема докази дека невакцинираните деца се поздрави од вакцинираните.