УКЛО стана првиот македонски универзитет што е дел од европска универзитетска алијанса

Од УКЛО велат дека проектот ќе овозможи целосна дигитализација на процесите на универзитетот, како и заеднички студиски програми, размена на студенти и кадар во рамките на алијансата

Фото: Министерство за култура

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (УКЛО) стана првиот и единствен македонски универзитет кој е дел од европска универзитетска алијанса, соопштија од овој универзитет, додавајќи дека за ова веќе известиле Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Европската универзитетска алијанса во која членува УКЛО е наречена COLOURS – COLlaborative, innOvative, sUstainable, Regional UniverSities. Алијансата, покрај македонскиот УКЛО, ја сочинуваат универзитети од Полска, Хрватска, Шведска, Шпанија, Италија, Германија, Франција и Латвија.

Од УКЛО велат дека универзитетските алијанси им овозможуваат на новите генерации европејци да учат и работат во различни европски земји, на различни јазици, во различни сектори и во различни академски дисциплини.

„На тој начин студентите добиваат дипломи од комбинирани студии од неколку европски земји, што придонесува до меѓународна конкурентност на европските универзитети“, се вели во соопштението на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Одобрениот проект е со вкупен буџет од повеќе од 14 милиони евра, од кои за УКЛО се наменети 830.000 евра, а ќе се имплементира наредните четири години на целиот универзитет – како во ректоратот, така и низ сите единици.

Од УКЛО велат дека проектот ќе овозможи целосна дигитализација на процесите на универзитетот, како и заеднички студиски програми, размена на студенти и кадар во рамките на алијансата.

„Очекуваме овој проект, како најголем европски проект што се имплементирал на УКЛО – веројатно и еден од најголемите проекти кои се имплементирале на универзитетите во Македонија – во наредните четири години значително да го промени ликот на УКЛО“, додаваат од битолскиот државен универзитет.