Ученици во улога на уредници и новинари учеа за медиумска писменост

Вежба со Васко Маглешов, новинар / Фото Радио Моф

Ученици од гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје имаа можност да дознаат како функционира една редакција во 21-от век преку работилници и предавање наменети за развивање на медиумската писменост, што се одржаа во текот на февруари, март, април и мај, организирани од Здружението Киматика, информира Радио Моф.

„Во нашето медиумско-заситено општество, граѓаните постојано се судираат со напливот на информации, а сè почесто дезинформации. Дигиталните медиуми, вклучувајќи ги тука мобилните технологии, веќе распространетиот интернет и експлозијата на социјалните мрежи, го трансформираа начинот на кој јавноста прима, процесира и создава вести. Медиумската писменост, а критичко-аналитичкото размислување особено претставува есенцијална вештина во новиот хипер-дигитален свет“, велат од Киматика.

Младите беа придржувани од истражувачки новинар запознавајќи се со значењето на медиумската писменост, функционирањето на социјалните медиуми и улогата на медиумите воопшто. Преку работилниците тие добија можност критички да размислуваат и расудуваат, да разликуваат факт од мислење и да препознаваат видови пропаганда.

Активностите се дел од проектот „Училница.ком“, со кои Мултиетничката организација „Мозаик-м“ и Здружението Киматика сакаат да го зголемат интересот за медиумската писменост, да развијат критичко-аналитичко размислување и да ја подигнат свеста за влијанието на информациите врз целокупниот психо-социјален живот на младите.