„Ученички се продаваат за пари”: Детскиот криминал во Тетово е алармантен, институциите не соработуваат

Ученички кои се продаваат за пари, пиштоли во училиштата, употреба на дрога, кражби, зголемено учество на децата во криминал се само дел од девијантните однесувања на учениците во Тетово, беше кажано на работилницата на тема „Улогата на образовните институции и општината во превенцијата на детската деликвенција“, пишува Порталб.мк

该图片由Marco WolffPixabay上发布

Ученички кои се продаваат за пари, пиштоли во училиштата, употреба на дрога, кражби, зголемено учество на децата во криминал. Ова се само дел од девијантните однесувања на учениците во Тетово. Состојбата дополнително ја влошува и несоодветната меѓуинституционална соработка, недостигот на психолози во училиштата, незаинтересираноста на родителите за своите деца и друго. Сето ова беше истакнато вчера на работилницата на тема „Улогата на образовните институции и општината во превенцијата на детската деликвенција“, пишува Порталб.мк.

На оваа работилница се истакнаа и предизвиците кои Општинскиот Совет за превенција на деликвенцијата кај децата во Тетово треба да ги третира во иднина. Претседателката на овој Совет, Блерта Ахмеди, истакна дека децата треба да се запознаат со негативните ефекти на овие однесувања, затоа што статистиките се алармантни.

„Ситуацијата е алармантна, имаме висок број на деца од двата пола кои се корисници на дрога, но и продавачи на дрога. Што се однесува до возраста, не само тие на возраст од 14 и повеќе години, туку имаме и категории на деца кои се помлади од 14 години. Според податоците што ги добивме од СВР Тетово и Основниот суд Тетово, има деца на возраст од 11 години кои се сторители на кривични дела, насилство, тешки кражби и слично“, рече Ахмеди.

Проблемите кои се истакнаа во оваа работилница беа вознемирувачки.

„Има ученички кои се продаваат за пари”, рече една претставничка од училиште.

„Во училиштата има оружје”, рече претставничка од друго училиште.

Претставниците на училиштата во Општина Тетово истакнаа дека нема добра меѓуинституционална комуникација и соработка.

Директорката на ОУ „Кирил и Методиј“, Сихана Каба Касами истакна дека треба повеќе да се работи со децата, но дека тоа не зависи само од училиштата и родителите.

„Имаме проблеми во комуникацијата помеѓу училиштето и Заводот за труд и социјална политика, случаите се пријавуваат редовно, но таму пријавите се разгледуваат со големо задоцнување. Проблемот е што училиштата сè уште немаат психолог, ова е голем недостаток за кој треба да им се укаже на владините функционери“, рече Каба Касами.

Таа нагласи дека случаите на користење на дрога и проституцијата кај малолетните лица не треба да премолчуваат, туку да излезат на површина што е можно побрзо.

„Мораме да бидеме внимателни сите, а случаите не треба да се кријат од страв дека нас како управа може да ни следи некаква казна. Тоа што е важно е да се спасат децата… Ние како училиште не сме тука за да казнуваме некого, ние сакаме да преземеме мерки за да ги спасиме децата“, рече Каба Касами.

Од училиштата истакнаа дека имаат недостиг од психолози, а во некои училишта воопшто и нема психолог.

„Загрижувачки е тоа што нашите ученици немаат со кого да разговараат“, рече една наставничка.

Овој проблем го истакнаа и родителите.

Има родители кои воопшто не се заинтересирани за децата, и воопшто не доаѓаат на состаноците“, рече еден од родителите.

Од друга страна, социологот Ардита Абдули Река ја истакна главната улога што ја имаат родителите, колку тие отворено треба да соработуваат со своите деца во обезбедувањето на вистинските информации за скриената проституција, употребата на наркотици и многу други девијантни однесувања.

„Комуникацијата и перманентната контрола на децата во часовите кога не се дома би била многу неопходна за децата да ги искажат проблемите што ги имаат и родителот да биде во улога на заштитник во соработка со вработените во училиштето итн.“, изјави Абдули Река.

На работилницата говореа и новинарите Башким Сулејмани и Сенат Зилбеари, кои истакнаа дел од проблемите од ваков карактер и недостатокот на соработка меѓу институциите и нивното ефикасно делување.

Од Општинскиот Совет за превенција на деликвенцијата кај децата велат дека сите точки кои беа нагласени на работилницата ќе бидат земени како основа за креирање на нивните активности и план за работа за превенција на негативното однесување кај децата за 2024 година. Оттаму нагласија дека кон крајот на годината ќе излезат со извештај за нивната работа за првите шест месеци од нивното формирање, во мај 2023 година.

Советот на Општина Тетово на 30 jануари 2022 ја усвои одлуката за формирање на Општински совет за превенција на деликвенцијата кај децата во оваа општина. Првата конститутивна седница на Советот се одржа на 17 мај 2022 година. Овој општински совет е законска обврска според Законот за правда за децата кој мора да биде основан во сите општини во државата.

Само во 2022 година во регионот на Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, евидентирани се 70 кривични дела во кои директно или индиректно биле инволвирани 89 малолетни лица.

Во Северна Македонија, иако според Законот за правда за децата, општините имаат обврска да формираат општински совети за спречување на детската деликвенција, во пракса тоа не се прави, покажува едно истражување на Порталб.мк спроведено во февруари годинава, каде што од вкупно 81 само 33 општини во државата формирале општински совети. Според надлежните институции, ниту една општина не е казнета за овој прекршок. Експертите констатирале дека надлежните во земјава не прават доволно за спречување на детската деликвенција.