fbpx

Турски серии и политички дебатни емисии – новата телевизиска сезона по стара шема

-

Речиси три четвртини или 72,6 проценти од граѓаните гледаат телевизија, покажуваат податоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици за вториот квартал од 2020 година. И покрај тоа што извештајот се однесува на периодот од почетокот на пандемијата, кој беше одбележан со долги полициски часови, а граѓаните во главно беа дома, податоците покажуваат намалување на бројот на луѓе кои гледаат телевизија за дури 16,9 отсто во однос на првиот квартал.

Најмногу внимание граѓаните посветуваат на следењето вести и информативна програма, а по нив најмногу гледани се забавните, односно музичките програми и сериските филмови.

ААВМУ
Од „Податоци за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станиците, за вториот квартал од 2020 година“ на ААВМУ

Тоа што најмногу го гледаат, граѓаните ќе го добијат и во новата телевизиска сезона. Редакциите на македонските телевизии ги подготвуваат старо-новите проекти за претстојната есенска сезона.

„Мета.мк“ ги анализираше програмите на петте национални телевизии – Сител, Алфа, Алсат-М, Телма и Канал 5. И покрај тоа што ќе се понудат неколку нови проекти, програмската шема се чини останува иста – оскудна домашна продукција, политички емисии и турски серии во примарните термини на повеќето телевизиски канали.

Една од причините за отсуството на поголеми промени е незавидната положба во која се најдоа телевизиите поради пандемијата на ковид-19, велат програмските уредници на телевизиите.

Сител телевизија е најгледана и во вториот квартал на 2020 година, со удел во гледаноста од 50,45 отсто.  Во новата сезона, приоритетот ќе биде ставен на покривањето на вести поврзани со политичко-општествената и здравствената ситуација, а за забавниот дел од програмата и емисиите во нивна продукција, поради пандемијата ќе се бараат алтернативни начини за задржување на квалитетот, вели програмскиот уредник на Сител телевизија, Ристо Самарџиев.

Ристо Самарџиев
Ристо Самарџиев, урадник на програма во Сител телевизија

„Во време на светска пандемија и отежнато функционирање во сите сегменти од живеењето, илузорно е да се екпериментира и да се отстапува од она што претходно давало резултат и ја одржува телевизијата на првото место на гледаност. Приоритетот се става на покривањето на сите настани кои се поврзани со политичко-општествената и секако здравствената ситуација во Македонија, а во другиот дел од програмата се бараат и се пронаоѓаат начини за задржување на квалитетот и понудата. Потсетување дека Сител телевизија е единствената телевизија кај нас, која неколку години наназад поставува светски телевизиски формати и емисии со голем број учесници, па во овој правец со оглед на здравствената ситуација ние сме и најпогодени. Во услови на пандемија реализацијата на овие проекти се одвива отежнато, но во интерес на поквалитетна понуда истите се реализираат, но со одредени изнудени решенија“, вели Самарџиев.

Турските серии се препознатлив белег за Сител телевизија повеќе години, па и оваа сезона ќе продолжат да се прикажуваат во ударни термини. Во моментов, во текот на една вечер во работната недела, на оваа телевизија се емитуваат три серии во турска продукција. Самарџиев вели дека и понатаму ќе продолжат со обидите да дојдат до најквалитетните серии од Босфорот и додава дека овие содржини најуспешно го задржуваат вниманието на гледачите на екраните.

„Во овој правец веројатно не би менувале ништо, особено затоа што овие серии веќе неколку години се апсолутен хит во светот и се на програмите на телевизиите ширум светот, па дури и во Латинска Америка, која важи за колевка на играните серии. Од друга страна, сериите од Босфорот многу поретко се дел од понудите на Netflix, HBO и сличните, па ефектот за премиерно прикажување е многу поголем. Инаку што со тоа ако прикажеме некоја серија од гореспоменатите платформи, кога веќе при прикажувањето на втората епизода, најголем дел од гледачите ќе ги имаат изгледано наредните 30 епизоди од истата“, објаснува Самарџиев.

Кога станува збор за домашна продукција кај телевизиите, се добива впечаток на недостаток од креативност. Една од најчестите играни програми кои се реализираат во сопствена продукција се македонските народни приказни. Оригинално продуцирани и прикажани на МРТ кон крајот на дваесеттиот век, народните приказни го наоѓаат своето место и на модерните телевизиски екрани. Свои верзии на добро познатите приказни снимаа неколку национални телевизии, почнувајќи од поранешната А1, а потоа и Сител, Канал 5, Алфа.

Алфа телевизија периодов продолжува со снимање на нови епизоди од овој проект, а програмскиот уредник на телевизијата, Методи Алексов, најавува и други нови содржини. Турските серии и политичките емисии остануваат во прајм-тајм, додека вечерта на Алфа ќе ја испратат играни филмови.

Методи Алексов
Методи Алексов, уредник во телевизија Алфа

„Трката за гледаност бара од нас да имаме постојана нова и свежа програма, атрактивна за публиката што нè гледа, но и за онаа што треба да ја привлечеме. Публиката диктира што треба да содржи понудата, па така и турските серии остануваат дел од програмската шема на Алфа. Како сопствена продукција ги почнавме и продолжуваме со снимање на проектот Македонски приказни, а се подготвуваат и две нови емисии: едната ќе третира социјални теми, а другата е од забавен карактер. Остануваат политичките магазини како клучен препознатлив белег на ТВ Алфа: „Што не е јасно?“, „Заспиј ако можеш“ и „Седмица“. Вечерните термини се резервирани за холивудски филмови“, вели Алексов.

Во текот на денот, пак, на Алфа се прикажуваат неколку информативни изданија, забавно-музички емисии, како и контактната емисија „Збор по збор“.

Дебатните емисии и истражувачките стории ќе останат во фокусот на телевизија Алсат- М, вели главниот уредник на телевизијата, Адмир Ќосе.

„Програмската шема на ТВ Алсат оваа сезона ќе биде слична како и минатата година. Во информативниот дел ќе се продолжи со пет дебатни емисии во петте денови од неделата. Станува збор за емисиите „Патот кон“, „200“, „360 степени“ (два пати) и „Економски магазин“, кои ќе нудат не само истражувачки стории, туку и дебати. Овие емисии се емитуваат во прајм-тајм со гарантирана гледаност на нашата телевизија за двете публики на албански и на македонски јазик“, вели Ќосе.

Тој додава дека се свесни оти на публиката ѝ требаат поинакви содржини, но поради финансиски причини и моменталната ситуација на медиумскиот пазар, програмата ќе оди по стар терк.

Адмир Ќосе
Адмир Ќосе, главен уредник на Алсат-М

„Секако дека ќе се продолжи со турските серии и покрај тоа што ТВ Алсат секогаш се стреми на публиката да и го понуди најдоброто. Но, во овој период на многу финансиски предизвици како резултат на внатрешниот медиумски пазар и состојбата со Ковид-19, нашиот екран ќе продолжи да ја зрачи истата шема и покрај тоа што сме свесни дека на публиката ѝ требаат и холивудски филмови и шоу-емисии. Сепак и споменатите дебатни емисии се наш домашен производ. Се надеваме дека со понатамошно реформирање на медиумскиот пазар и справувањето со кризата со корона вирусот, ТВ Алсат, но и другите медиуми во земјава ќе бидат поконкурентни и ќе нудат повеќе за гледачите“, додава Ќосе.

Три турски драми и дебатна емисија во ударен термин има и Канал 5 телевизија. Според информациите до кои може да се дојде преку веб-порталот на медиумот, од 19:40 часот, па сè до полноќ, гледачите ќе следат надсинхронизирани драматични ситуации со „пауза“ за вести од петнаесет минути.

 

програма на Канал 5
Извадок од програмата на Канал 5

За споредба, програмските шеми на телевизиите во регионот покажуваат дека турските серии полека почнуваат да се исфрлаат од ударните термини. Од четирите најгледани телевизии во Србија, само една (телевизија Пинк) прикажува турска серија на својата програма во ударен термин. Ситуацијата е слична и во Хрватска. На трите најгледани телевизии се прикажува само една турска серија, во дневен термин. Наместо турска продукција, на најгледаните регионални канали се емитуваат домашни серии и програми, како и некои од најпознатите американски телевизиски серии и филмови.

Кај нас, Телма е единствената од петте телевизии со национална концесија која во својата програма не вклучува ниту една турска серија. Гледачите на оваа програма, сезонава ќе можат да следат европски серии и значително повеќе играни филмови од Холивуд. Најавени се неколку премиери на филмови, како и една норвешка играна серија. Од уредниците на информативната програма, добивме потврда дека продолжуваат да се реализираат и дебатните емисии како „Топ тема“, „Еврофокус“ и „Вин-вин“.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...