„Сител“, „Канал 5“ и „МТВ 1“ најгледани, граѓаните пред телевизор најмногу следат вести

Фото: Арбнора Мемети

Најголем дел од македонските граѓани редовно гледаат телевизија, при што најмногу внимание посветуваат на следењето вести и информативна програма на телевизиските канали. Во првиот квартал од 2020 година, најгледани домашни телевизиски канали биле „Сител“, „Канал 5“ и „МТВ 1“, се наведува во Кварталниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) со податоци за досегот на радиостаниците и уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици.

Дури 89,5 отсто од испитаниците позитивно одговориле на прашањето: „Дали вчера во текот на денот гледавте телевизија?“. Само 10,5 отсто од анкетираните лица не следеле телевизиска програма. На прашањето за тоа каква медиумска содржина следеле на телевизиските канали во текот на вчерашниот ден, 41,6 отсто од граѓаните одговориле дека гледале вести, а потоа следи информативната програма која ја следеле 30 отсто од испитаниците. Сите други телевизиски содржини се неколкукратно помалку гледани од граѓаните.

На прашањето „Кои домашни и странски ТВ канали ги гледавте вчера?“, 60,5 отсто од анкетираните одговориле дека ја гледале телевизија „Сител“, 54,42 отсто ја гледале „Канал 5“, додека трета најгледана телевизија е „МТВ 1“ која ја следеле 39,5 отсто од испитаниците. По нив, на листата следуваат „Телма“ со 32,21 отсто, „Алфа“ со 26,88 отсто, „24 Вести“ со 19,92 отсто, „Алсат-М“ со 18,79 отсто и „МТВ 2“ со 10,42 отсто. Идентичен е распоредот за гледаноста на македонските телевизии и при одговорите на прашањето за тоа кои домашни и странски канали ги гледале граѓаните во текот на минатата недела.

Анкетата на ААВМУ е направена на репрезентативен примерок од 2.400 испитаници на национално ниво, при што истражувањето е извршено со CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер. ААВМУ четири пати годишно врши редовни анкети за секој квартал одделно, а еднаш годишно изготвува и годишен извештај за гледаноста на телевизиите во земјава.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.