Повлекувањето паралела меѓу Зеленски и Хитлер е класична манипулација во духот на руската пропаганда. Ова се прави сè со цел да се оправда руската агресија врз суверена Украина којашто трае повеќе од една година. Зеленски е Евреин, а неговиот дедо и тројцата негови браќа се бореле против нацистите. За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
На објава на социјалната мрежа Фејсбук споделен е колаж од фотографии коишто ги наведуваат читателите да помислат дека претседателот на Украина, Володомир Зеленски е нацист, а во самиот пост се тврди дека тој е внук на Хитлер. Ова не е точно.
Оние што навиваат за Украинците,само да им кажам дека навиваат за внукот на Хитлер.
А тебе Вартоломеје,не можам да те исплачам…
Толку, пишува во објавата.
Постот споделува колаж од две фотографии, една под друга. Горната е од средбата помеѓу украинскиот претседател Волдомир Зеленски и вселенскиот патријарх Вартоломеј кога пред неколку дена тие во Истанбул заедно се молеа за жртвите од војната со Русија во Патријаршиската катедрала Свети Ѓорѓи во Фенер. На фотографијата заокружен е амблемот на маицата на Зеленски. Станува збор за украинскиот грб – трозабец кој има долга историја, но во исто време, тој е симбол на модерна земја. Тој ги одразува херојските настани од минатото – и украинските воини кои го штитат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина денес.
На втората фотографија која е црно бела, покрај свастиката, се гледа човек како вее знаме на кое има симбол што е наликува на трозабец. Пребарувањето на фотографијата не дава конкретни резултати за тоа кога и во кој контекст е снимена и дали е воопшто реална или направена со помош на некоја алатка за вештачка интелигенција. Она што е познато е дека симболот на нацизмот е свастиката и тој бил нивен официјален амблем. Таа била истакната на нивните знамиња, униформи и други пропагандни материјали. Симболот свастика е изведен од древни религиозни и културни контексти, но за жал бил присвоен од нацистите и оттогаш стана широко поврзан со нивната идеологија на омраза и дискриминација.
Трозабецот, пак, е одамна поврзан со украинската историја. Тој бил знак на предците на династијата Рурик (10-12 век, време на Киевска Русија). Археолозите сè уште наоѓаат негова слика на монети, печати, прибор, тули, мурали. Во 1918 година, веднаш по колапсот на руската империја, владата на Украинската Народна Република го одобрила трозабецот како државен грб.
Од деновите на Украинската Народна Република, трозабецот (tryzub) станал важен симбол за оние кои се бореле за независноста на Украина пред 100 години и оние кои ја штитат сега.
Зеленски има еврејско потекло
Во текстот на објавата неточно се тврди и дека Зеленски му е внук на Хитлер. За ова тврдење нема апсолутно никаков доказ. Нема никаква пишана документација што може да го потврди ова. Наративот за поврзаноста на Зеленски со Хитлер ја започна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кога минатата година предизвика дипломатски спор со Израел, откако тој тврдеше дека „Хитлер имал и еврејска крв“ и дека „некои од најлошите антисемити се Евреи“, во обид да ги потврди наводните обиди на Москва за „денацификација“ на Украина.
Но, историјата на Зеленски е сосема поинаква од овие паушални тврдења. Тој е Евреин, а неговиот дедо и тројцата негови браќа се бореле против нацистите, детаљ што тој го истакна во говорот каде што директно му се обраќаше на рускиот народ на 24 февруари 2022 година. Тој, презентирајќи ја сопствената семејна историја, одговори на тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе „денацилизира“ Украина.
Тие велат дека сме нацисти. Но, како може народот кој изгубил 8 милиони животи за да ги победи нацистите да го поддржува нацизмот? Како можам да бидам нацист? Кажи му на мојот дедо, кој се борел во Втората светска војна како советски пешак и умрел како полковник во независна Украина. Ви кажуваат дека ја мразиме руската култура. Како може некој да мрази култура? Некоја култура? Соседите секогаш меѓусебно си ја збогатуваат културата, рече Зеленски.
Во јануари 2020 година, за време на комеморацијата во Израел на 75-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, Зеленски му ја кажа на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, семејната приказна за дедо му и неговите тројца браќа.
Тројца од нив, нивните родители и нивните семејства станаа жртви на холокаустот. Сите беа застрелани од германските окупатори кои ја нападнаа Украина. Четвртиот брат преживеа. … Две години по војната, тој доби син, а за 31 година, тој доби внук. За уште 40 години тој внук стана претседател, а денес стои пред вас, господине премиер, рече Зеленски.
Не е првпат на социјалните мрежи да се шират наративи дека Украина е нацистичка и фашистичка, дека таму се глорифицира нацизмот (неонацизмот), како и дека Зеленски е нацист. Ова се прави сè со цел да се оправда руската агресија врз оваа суверена земја којашто трае повеќе од една година. За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.
Повлекувањето паралела меѓу Зеленски и Хитлер е класичен спин и е во духот на руската пропаганда. Поради сите наведени факти заклучуваме дека оваа објава е невистинита.