Индексот на трошоците на животот во октомври 2020 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 2,1 отсто, додека индексот на цените на мало бележи раст од 1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Исто така, индексот на трошоците на живот во октомври, споредено со септември 2020, е зголемен за 0,1 отсто, додека цените на мало бележат намалување од 0,5 отсто.
Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 5,2 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4,2 отсто, маслото и маснотиите за 3,7 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9 отсто и виното за 0,2 отсто.
Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 2 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 1,6 отсто, парамедицинските услуги, градините, растенијата и цвеќињата за 1,5 отсто, гасот за домаќинствата, цврстите горива за 1,4 отсто, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, информатичката опрема за обработка на податоци за 1,1 отсто, игрите, играчките и хобијата, услугите за култура за 0,3 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4,7 отсто, рибата и морските плодови за 0,7 отсто, прехранбените производи, неспомнати на друго место за 0,5 отсто, месото за 0,4 отсто и пивото за 0,2 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 8,4 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 3 отсто, течните горива за домаќинствата за 0,8 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата, моторните возила за 0,6 отсто, книгите за 0,4 отсто, текстилот за домаќинството, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,3 отсто, мебелот и покуќнината, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите услуги за опрема за сопствен превоз, медиумите за снимање, домашните миленици и сродните производи за 0,2 отсто.