fbpx

Трагите од авиони на небото немаат никаква поврзаност со големата кашлица

Во врска со истата тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и да се влијае на атмосферата

-

Големата кашлица не се шири преку авионите коишто летаат на небото, како што се инсинуира во објавата. Не е вистина дека оние кои имаат симптоми на големата кашлица, всушност, се отруени од прскањето со авиони. Сосема е неверојатно намерно да се шири одредена болест преку фрлање опасни раствори и тоа од огромна височина 5 или 10 илјади метри. Големата кашлица е болест која се пренесува од болно на здраво лице со капки од респираторниот секрет кои се ослободуваат со кашлање и кивање, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На објава на социјалната мрежа Фејсбук споделени се две фотографии на коишто се гледа сино небо и траги од авиони, а на објавата пишува: „Голема и мала кашлица“, алудирајќи дека подемот на заболени од голема кашлица се случува поради авионите на небото. Ова е невистина.

Појавата на заборавената болест таканаречена голема или магарешка кашлица и прогласувањето на епидемија на територијата на Град Скопје, повторно ги активираше теориите на заговор кои се шират на социјалните мрежи за потеклото и начинот на пренесување на одредени вируси и болести.

Таква е и објавата којашто е предмет на оваа рецензија, којашто манипулативно алудира дека трагите на небото од авиони довеле до болеста голема кашлица. Ова е неточно и нема никаkва логика.

За кратко време над 20 лица кај нас се регистрирани како заболени од големата кашлица или народски позната како магарешка кашлица, која се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis).

Првите симптоми на болеста се слични на симптомите на настинка. Тие се појавуваат околу девет до десет дена по инфекцијата. Но, дури и пред да се појави типичната кашлица, заразените можат да бидат преносители на болеста, а тоа се случува брзо. Околу 70 до 80 проценти од оние кои доаѓаат во контакт со заразено лице – се заразуваат.

Бактериите што заразените лица ги собрале преку инфекцијата, се населуваат во горниот респираторен тракт и бронхиите. Таму се множат. Тие произведуваат токсини кои ги оштетуваат цилиите и ги иритираат слузницата и центарот за кашлање во мозокот. Ова доведува до спазматични напади на кашлање.

Најчесто се погодени доенчињата и малите деца. Тие на моменти кашлаат толку силно што може да се помисли дека се гушат. Кај малите деца може да се појават сериозни компликации, како што е респираторна инсуфициенција – запирање на дишењето. Ситуацијата може да биде опасна по живот за нив бидејќи нивните дишни патишта сѐ уште се тесни и можат да отечат за кратко време. Доенчињата и малите деца за кои постои сомневање дека имаат голема кашлица треба да бидат прегледани од лекар што е можно побрзо. Околу две третини од нив мора да одат на болничко лекување.

Најчеста компликација на голема кашлица е пневмонија, која е најчеста причина за смрт кај заболените доенчиња. Невролошки компликации како резултат на намален проток на кислород во мозокот се конвулзии и енцефалопатија. Други поблаги компликации се воспаление на средното уво, анорексија, дехидрација, а како резултат на зголемен притисок во пароксизмалната фаза доаѓа до крвавење од носот, појава на хернија и пневмоторакс.

Како се пренесува?

Оваа болест не ја причинуваат авионите кои што летаат на небото, како што се инсинуира во објавата. Не е вистина дека оние кои имаат симптоми на големата кашлица, всушност се отруени од прскањето со авиони. Не постои никакво труење и распрскување отрови и болести од авиони, ниту пак, тие можат да ги заразат луѓето со голема кашлица. Сосема е неверојатно намерно да се шири болеста преку фрлање опасни раствори и тоа од огромна височина 5 или 10 илјади метри.

Пертусисот или големата кашлица е многу заразна болест која се пренесува од болно на здраво лице со капки од респираторниот секрет кои се ослободуваат со кашлање и кивање за време на катаралната фаза на болеста, кога болните се најзаразни за нивната околина, како и во првите две недели по појава на кашлање. Поретко, предизвикувачкиот агенс може индиректно да се пренесе преку свежо контаминирани предмети од околината на болното лице.

Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше дека белите траги од авионите не значат дека населението се прска со отрови, ниту, пак, со болест. Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“,според која влади и разни други неименувани фактори од разни држави, се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Според заговорниците, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии, и кога тие ќе паднат на земјата, предизвикаат здравствени последици по сите граѓани. Главниот аргумент што поборниците на оваа теорија на заговор се обидуваат да го претстават како доказ, се трагите што зад себе ги оставаат авионите, иако станува збор за обична физичка појава на кондензација, а не заговор против човештвото и тајна програма за распрскување отрови.

Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е најден ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постои“.

Во врска со истата тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и да се влијае на атмосферата. 

Од сето изнесено погоре можеме да заклучиме дека не постојат никакви труења од воздухот поради кои луѓето се разболуваат од голема кашлица. Според тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...