Почна исплатата на студентски стипендии за новите корисници

Студентите чии стипендии изнесуваат 6.050 денари, денес на сметка ќе добијат 30.250 денари, додека оние со месечни стипендии од 18.000 денари, треба да добијат 90.000 денари

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Денеска започна исплатата на првите рати од стипендиите за новите корисници кои потпишаа договори со Министерството за образование и наука (МОН) во јануари. На своите сметки студентите добиваат средства за пет месеци, информираа повеќе студенти за Мета.мк.

Студентите чии стипендии изнесуваат 6.050 денари, денес на сметка ќе добијат 30.250 денари, додека оние со месечни стипендии од 18.000 денари, треба да добијат 90.000 денари.

Стипендиите за новите корисници доцнат и го пробија рокот што МОН го даде минатата недела. Во соопштение, но и во изјава за Мета.мк, од ова министерство рекоа дека оваа категорија студенти првите рати од стипендиите ќе ги добијат минатата седмица, што не се случи.

Инаку, денеска се исплаќа и петтата рата од стипендиите за оваа учебна година за студентите кои го продолжија ова право.