Дел од стипендиите и поддршката за меѓуградски превоз за студентите ќе бидат исплатени до утре

За новите корисници на стипендии, пак, кои потпишаа договор со МОН годинава, исплата на стипендиите ќе има во текот на следната седмица

Фото: Мета.мк

Студентите што ги продолжија стипендиите, најдоцна до утре ќе ги добијат средствата за неколку месеци, информираа за Мета.мк од Министерството за образование и наука (МОН), по реакциите на студентите дека стипендиите им доцнат со месеци.

За новите корисници на стипендии, пак, кои потпишаа договор со МОН годинава, исплата на стипендиите ќе има во текот на следната седмица.

Најдоцна до утре ќе биде исплатена и финансиската поддршка за меѓуградски превоз за студентите за јануари. Оваа поддршка во износ од 1.200 денари студентите ја добиваат од декември и треба да им биде исплаќана на месечно ниво до јуни.

И покрај тоа што јануари измина, студентите до овој момент не ги добија месечните средства за автобуски превоз од местото на живеење до местото на студирање.

Налозите за исплата на стипендии на постојните корисници и на патни трошоци се доставени во трезор и очекуваме денес или утре да се реализираат. Додека следната недела ќе има исплата за новите корисници на стипендија, гласи краткиот одговор од МОН на низа прашања испратени од Мета.мк.

Студентите кои се постојни или нови корисници на студентски стипендии, предвидено е да добиваат стипендија во текот на девет месеци, односно од октомври до јуни. Меѓутоа, до овој момент, на нивните сметки не легна ниту една рата од стипендиите за тековната учебна година.

Стипендиите, инаку, изнесуваат 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и оние за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, кои изнесуваат 18.000 денари месечно.