„Threads“ – ривалот на Твитер создаден од Инстаграм ќе стане достапен неделава

Апликацијата ќе биде поврзана со Инстаграм, а според дизајнот што веќе е објавен во јавноста, може да се забележи дека платформата изгледа слично на Твитер

Photo by Rob Hampson on Unsplash

Сопственикот на Фејсбук, компанијата „Мета“ конечно ја лансира својата нова апликација базирана на текст и дизајнирана за да се натпреварува со Твитер. Повеќе медиуми објавија дека апликацијата ќе биде лансирана овој четврток.

Како што јавува Би-би-си, апликацијата се нарекува „Threads“ (Нишки) и веќе е достапна за претнарачка на продавницата за апликации на „Епл“ – App Store.

Апликацијата ќе биде поврзана со Инстаграм, а според дизајнот што веќе е објавен во јавноста, може да се забележи дека платформата изгледа слично на Твитер.

Компанијата „Мета“ ја опишува „Threads“ како апликација за разговор базирана на текст.

„Threads е местото каде што заедниците се собираат за да разговараат за сè – од темите за кои се грижите денес до она што ќе биде во тренд утре. Што и да ве интересира, можете да следите и да се поврзете директно со вашите омилени креатори и другите што ги сакаат истите работи – или да изградите свои лојални следбеници за да ги споделите вашите идеи, мислења и креативност со светот“, стои во описот на „Threads“ на App Store, а пренесува „Врџ“.

Овој потег е последен во ривалството меѓу шефот на „Мета“, Марк Закерберг и сопственикот на Твитер, Илон Маск.

Минатиот месец тие двајца договорија борба во кафез, иако сè уште не е јасно колку биле сериозни околу најавата.

Во меѓувреме, Маск во саботата најави дека го ограничува бројот на твитови што корисниците можат да ги видат во еден ден.

Од друга страна, „Threads“ се чини дека ќе биде бесплатна за користење и нема да има никакви ограничувања за тоа колку објави може да види корисникот.

Во последниве години се појавија повеќе апликации кои многу наликуваат на Твитер, а меѓу нив се „Mastodon“, „Truth Social“ на Доналд Трамп, како и „Bluesky“ која забележала рекорден сообраќај по потегот на Маск да го ограничи бројот на објави што еден корисник на Твитер може да ги види.

Сепак, „Threads“ може да биде најголемата закана со која Твитер се соочила досега, поради тоа што ќе биде поврзана со Инстаграм, односно со огромна база на податоци на останатите платформи на „Мета“.

Би-би-си потсетува дека Марк Закерберг има историја на позајмување туѓи идеи и нивно успешно развивање. Така, Стори содржините беа преземени како идеја од Снепчет, додека Reels видеата се сметаат за копија на ТикТок.