Крилото на досегашниот претседател на Движењето Беса, Билал Касами, објави дека партијата ќе го одржи својот прв партиски конгрес на 24 февруари. Вчера, пак, скопското крило одржа конгрес на кој за претседател беше избран Африм Гаши.

Абдуш Демири, најавувајќи го конгресот на денешната прес-конференција на партијата во седиштето во Скопје, рече дека нема да коментираат собири на „други партии и групи“.

-Ние не коментираме собири на други партии и групи. Овде сме да коментираме само ставови на движењето Беса. Политичките партии се регистрирани во централниот регистар и можат да имаат само еден конгрес. После завршувањето на конгресот, ние целокупната документација од конгресот, ќе ја доставиме до судот. Движењето Беса има само еден конгрес и тој ќе се одржи на 24 февруари во Скопје – потенцираше Демири.

Тој рече дека секој кој што сака да се кандидира за претседател на Беса, треба да собере најмалку една десетина од вкупниот број на пријавени делегати за конгресот на 24 февруари.

– За првиот конгрес евидентирани се вкупно 505 делегати со територијална распределба врз основа на пропорцијата предвидена во Деловникот за организирање на конгрес. Бидејќи се знае листата на делегатите, ние ги охрабруваме сите кандидати во согласност со статутарните норми, да собираат потписи и да се натпреваруваат за функцијата – додаде Демири.

Скопското крило на Движењето Беса вчера го избра Африм Гаши за нов претседател. Од вкупно 575 делегати, за него на конгресот во Тетово гласале 522. Гаши вети дека отсега БЕСА ќе биде партија на сите народи што живеат во Македонија и што ги бараат своите права. Тој потенцираше дека приоритет ќе бидат евроатлантската интеграција на земјата, подобар живот за граѓаните и еднаква правда за сите.

И од скопскиот и тетовскиот огранок на Беса велат дека чекаат судска одлука, за тоа кое крило ќе ги задржи името, логото и печатот на партијата.