„Македонски Телеком“ го доби тендерот вреден над 2,2 милиони евра за подготовка на нова Андроид апликација за паметни телефони, за воведување на 300.000 електронски хартиени билети за едно возење и за набавка на нови валидатори за картичката „Скопска“ за јавниот превоз.

ЈСП – Скопје на почетокот од јули го склучило договорот, со кој од претстојнава есен на граѓаните повторно ќе им се овозможи да купат билет за едно возење во градските автобуси. Советот на град Скопје ќе треба допрва да ја утврди цената на овој билет, кој ќе важи и за приватните превозници.

Со новата апликација за паметни телефони од наесен граѓаните ќе можат сами да ја надополнуваат картичката „Скопска“, но и постојано да имаат увид колкава сума имаат на нивната сметка. Преку идната апликација ќе може да се утврди реалното време на пристигнување на автобусите на станицата, да се разгледа возниот ред и шемата на автобуски линии. За оние што ќе ја немаат оваа апликација, сите информации за возниот ред од скопскиот јавен превоз ќе бидат интегрирани со Google Transit, така што граѓаните преку Гугл ќе можат да добијат релевантни информации за возниот ред на автобусите.

Со склучениот договор ќе се набави и целокупната опрема за новите 35 автобуси на ЈСП – Скопје, за кои во моментов тече тендерската постапка за избор на најповолен понудувач. Дополнително, од наесен граѓаните ќе можат со картичката „Скопска“ да се валидираат и на задните врати на автобусите, со што ќе се обезбеди побрз проток при влез и излез на патници. Со тендерот ќе се набават 400 нови валидатори за оваа намена. Построга контрола ќе има и за неплаќачите на возни билети, бидејќи предвидено е да се купат 70 нови парчиња терминали за контрола на билетите.

Со договорот со „Телеком“ за скопскиот јавен превоз ќе се обезбеди и комуникациска инфраструктура и E – Cloud платформа за непречено функционирање на системот за контрола и управување со јавниот превоз и за електронска наплата на билети. Времетраењето на договорот е 24 месеци, а „Македонски Телеком“ ќе биде одговорен за одржување на овој систем до почетокот на јули 2021 година, се наведува во договорот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки.

Од ЈСП – Скопје за „Мета“ веќе нагласија дека новиот систем ќе им обезбеди на граѓаните многу поволности, кои јавниот градски превоз во моментов не ги поседува. Новитетите ќе се однесуваат не само за автобусите на ЈСП, туку и за приватните превозници.