fbpx

Такси превозниците во Скопје добиваат конкуренција – „Болт“ доаѓа во Македонија?

Доколку почне да функционира и во Скопје, Северна Македонија ќе стане првата земја во регионот на Западен Балкан во која „Болт“ ќе ги понуди своите услуги

-

Реклами на компанијата за мобилност „Болт“ периодов ги таргетираат граѓаните на Скопје, нудејќи им да возат и да заработуваат. Огласите на социјалните мрежи го отворија прашањето дали естонската компанија – конкурент на „Убер“, влегува на македонскиот пазар. Се чини дека Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот на Западен Балкан во која „Болт“ ќе ги понуди своите услуги.

„Заработете дополнителни пари додека возите“, „Заработете дополнителни пари во 3 лесни чекори“, „0% провизија“ – вака стои во описите на рекламите што изминативе недели ги гледаат корисниците на Фејсбук и Инстаграм во земјава, а кои ги објавува компанијата за мобилност „Болт“. Преку ваквите огласи кои првпат се објавени на 25 септември, „Болт“ практично бара возачи кои би ги регрутирала за транспортните услуги што евентуално би ги понудила во Скопје.

Кликањето на огласите ги пренасочува корисниците кон официјалната страница на „Болт“ и тоа кон делот за регистрација на нови возачи. Таму, меѓу градовите каде корисниците може да се пријават за да возат, веќе е наведен и главниот град Скопје. Скопје во моментов е и единствениот град од целиот регион на Западен Балкан каде може да се регистрирате како возач, односно „Болт“ засега не оперира, ниту пак има најава за такво нешто во друга западнобалканска држава.

Компанијата не оперира ниту во Бугарија, а од земјите во регионот своите услуги ги нуди само во Грција, Хрватска и Словенија.

Огласите на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм за првпат беа објавени на 25 септември годинава

Мета.мк се обрати до „Болт“ со прашања за тоа дали компанијата навистина ќе почне да оперира во Скопје, но и кои услуги би ги нудела во македонскиот главен град.

Од компанијата не сакаа да коментираат, но, меѓу другото, рекоа дека ќе нè известат „штом ги започнеме операциите за возење во Македонија“.

„Нашиот тим за истражување и развој секогаш бара нови земји за проширување. За жал, во овој момент не можеме подетално да ги коментираме нашите деловни планови. Дефинитивно ќе ве известиме штом ќе ги почнеме нашите операции за возење во Македонија“, велат од Болт за Мета.мк.

Станува збор за естонска компанија за мобилност која нуди различни услуги за транспорт и испорака, меѓу кои и возење во такси или приватни автомобили, изнајмување на автомобили, електрични скутери и велосипеди, па дури и достава на храна и намирници.

Најпозната е по тоа што корисниците може да се пријават како возачи со свој сопствен автомобил, со што би станале достапни за изнајмување од корисниците кои имаат потреба од превоз.

Доколку пристигне на македонскиот пазар, компанијата ќе им стане конкурент на такси превозниците во Скопје. Ако се направи површна споредба на цените на такси превозот во градовите каде оперира компанијата, може да се види дека возењата со „Болт“ во повеќето градови се поевтини од оние со стандардните такси превозници.

„Болт“ во моментов функционира во повеќе од 500 градови низ 45 земји во Европа, Африка, Западна Азија и Латинска Америка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Хари Потер замокот“ во Одеса бомбардиран, најмалку пет убиени

Пристанишниот град Одеса беше бомбардиран синоќа, пренесува Би-би-си и Еуроњуз. Нападната беше зградата која локалци ја нарекуваат „Хари Потер замок“. Засега се забележани најмалку пет загинати лица. Тие кои биле...