fbpx

СЗО не е злосторничка организација финансирана и раководена од „сатанисти од длабоката држава“

Не е вистина дека СЗО е злосторничка организација која ја финансираат и управуваат „сатанисти од длабоката држава“. Станува збор за тело кое исклучително придонесува во унапредувањето на здравството во светски рамки, кое има свој претседател избран на транспарентен начин со учество на сите земји членки, со финансирање кое е или од земјите членки или од донации кои се транспарентни

-

Во објавата што ја рецензираме се споделуваат наративите карактеристични за теоријата на заговор Кју Анон. СЗО не е раководена ниту од сатанисти, ниту од длабоката држава, туку од делегати од сите земји членки, а претседателот се избира транспарентно и со учество на сите земји. Финансирањето, исто така, е транспарентно и може да биде преку донации или преку одделени средства на сите земји членки. Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс учествува во финансирањето на СЗО преку доброволни донации и придонесува за филантропски и здравствено корисни цели ширум светот, а не за злосторства, како што тоа се наведува во објавата. СЗО унифицирано се обидува да го унапреди здравството ширум светот, со фокус на сиромашните земји, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Стоп! Укинување на злосторничката Светска Здравствена Организација со која раководат и ја финансираат сатанистите од длабоката држава. Особено сатанистот Бил Гејтс!

Во склоп на објавата има видеоматеријал на кој политичар држи критичен говор кон СЗО, нарекувајќи го ова тело „неизбрано”, „организација што сака да стекне моќ на сметка на нашиот здравствен суверенитет“, се наведува дека во времето на пандемијата со ковид, „СЗО заговарала за вакцинација и изолација без да преземат одговорност за оваа погубна политика”. Политичарот во видеото смета дека СЗО ја „преувеличувало смртноста од ковид“ и дека Австралија треба да се повлече од СЗО. Потоа тој додава дека има опасност СЗО да има голема контрола кон политиките на национално ниво поврзани со здравството, како и да идентификува лажни вести. За него е добро што некои држави решиле да го отфрлат договорот за пандемијата и дополнувањето на меѓународните здравствени прописи, наведувајќи ја тука Словачка. Тој додава дека СЗО во времето на пандемијата пружал непроверени здравствени совети и Австралија, според него, треба да отстапи од организацијата.

Без да навлегуваме во политички ставови, нотираме дека во објавата се изнесени низа невистини. СЗО не ја финансираат и не ја раководат сатанисти од длабоката држава, како што тоа се тврди во објавата предмет на нашата рецензија. Терминологијата „сатанисти од длабоката држава“ кореспондира со терминологијата што се шири кога се споделува теоријата на заговор Кју Анон, според која една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само кога Доналд Трамп ќе се врати на претседателското место. Светската здравствена организација транспарентно објавува на својата веб-страница како се финансира. Накратко, земјите членки плаќаат придонеси и од доброволни донации од партнери. Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс учествува во финансирањето на СЗО преку доброволни донации.

Кога ќе се погледнат целите и агендата односно принципите и мисијата поради која постои СЗО, апсолутно е јасно дека Бил Гејтс фондацијата придонесува за филантропски и здравствено корисни цели ширум светот, а не за злосторства, како што тоа се наведува во објавата што ја рецензираме. СЗО ја формира агендата за истражувања во здравството, ги поставува нормите и стандардите преку политики базирани на докази, обезбедува техничка поддршка за земјите и ги мониторира здравствените трендови.

Најважно од сè, во 21 век здравството е споделена одговорност која што вклучува заеднички пристап до основна здравствена заштита и колективна одбрана против транснационални закани. Тука спаѓа и борбата против ковид 19. Кога во објавата што ја рецензираме се кажува дека СЗО наметнувало изолација, се заборава да се спомене дека тоа се случуваше само на почетокот на пандемијата, кога немаше вакцини и мерките на изолација беа преземени од претходни искуства со респираторни вируси. Како што се зголемуваше знаењето и сознанијата на СЗО за вирусот, како што се развиваа вакцините и се поголем дел од луѓето ширум светот добиваа пристап до нив, како што слабееше вирусот и се појавуваа послаби варијанти, така се олабавуваа и мерките на заштита благодарение на колективниот имунитет стекнат и со прележување и со вакцинирање. Да се тврди дека вакцините немаат удел во тоа што пандемијата е надмината е бесмислено и со факти може да се покаже дека милиони животи ширум светот беа спасени благодарение на вакцината. Така што, не е точно дека таа политика за вакцинација во времето на ковид била „погубна“, како што тоа невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

СЗО обезбедува лидерство за прашања критични за здравството и овозможува партнерства онаму каде се неопходни заеднички напори, како, на пример, во пандемии. СЗО ја формира истражувачката агенда, поставува стандарди и ја промовира нивната имплементација, обезбедува техничка поддршка, катализира промени и гради институционални капацитети, но, исто така, ги мониторира здравствените состојби.

Во нејзината основа е да промовира развој, бидејќи здравството е водечки фактор во социоекономскиот прогрес и се повеќе ресурси се инвестираат во него. Сепак, сиромаштијата продолжува да придонесува за лошо здравство, а лошото здравство ги закопува големите нации во сиромаштија. Потребна е еднаквост која преку СЗО се прави обид да се обезбеди, кога станува збор до здравствениот пристап и унифицираност на основите. Пристапот до животоспасувачки интервенции не треба да биде негиран и оневозможен од нефер причини кои имаат економски и социјални корени. Затоа СЗО ги насочува своите активност на развој на здравството и им дава приоритет на сиромашните, обесправени и ранливи групи. Така се превенираат и третираат хронични болести, се адресираат тропски болести, тоа е дел од агендата.

СЗО го подобрува светското здравство, особено со стратегијата со која во сиромашните земји и кај популациите кои се обесправени, сите здравствени услуги треба да се достапни. Здравствените системи во многу делови од светот не можат да го направат тоа, така што зајакнувањето на здравствените системи е висок приоритет на СЗО. Се обрнува внимание на обучување на кадар, доволни финансии, соодветни системи за статистика и пристап до соодветни технологии и основни лекови.

СЗО впрочем работи со парламентарци за да го поддржи националното законодавство и буџетите за универзална здравствена заштита, соработува со национални и интернационални партнери за да помогне да се добие универзален пристап до здравството.

Не е точно наведеното во објавата дека СЗО не е избрана од страна на земјите. Имено, СЗО има седиште во Женева, 6 регионални и 150 национални канцеларии. Контролирана е од делегати од сите 194 земји членки, кои гласаат за политиките и го бираат генералниот директор. Во моментов тоа е Тедрос Адханом, претходен министер за надворешни работи на Етиопија.

Организацијата регистрира потенцијални кризи, земјите до неа пријавуваат потенцијални епидемии и пандемии, како САРС, колера итн. Во исклучителни кризи СЗО може да прогласи глобална јавноздравствена закана, што е направено еднаш во 2009 година со свински грип, со ебола во 2014 година во западна Африка, во 2016 година со Зика вирус во Америка, како и со ковид-19 во 2020 година.

СЗО не го потиснува, ниту, пак, му се меша на суверенитетот на здравствените политики, кој го има секоја држава преку својата влада и министерство за здравство. Но, постојат светски политики коишто се предмет на опсегот на СЗО и тие се однесуваат на горенаведените пристапи до основна здравствена заштита, развој и подобрување на здравството и пристапот, спречување на пандемии, едуцирање на кадар и подобрување на здравството во глобала, целосно, во целиот свет паралелно и истовремено.

Што се однесува на делот од објавата во која се тврди дека СЗО ја преувеличувала смртноста од ковид, и ова не е точно. Секоја држава преку својот сопствен здравствен систем на министерството за здравство ги пријавуваше случаите на ковид и смртноста, секој ден. Тоа се правеше според упатства. Имаше дебата за тоа дали ковид или некој коморбидитет треба да се смета за примарна причина за нечија смрт, но во ниеден случај кога ќе се пријавеше дека некој починал од ковид (или со ковид) тоа не беше правено за да се зголеми смртноста фиктивно или на хартија, туку за да се спречи проширувањето на пандемијата односно на вирусот. На ниеден здравствен систем, ниту на хартија, ниту во реалноста не му одговара да ги пумпа бројките на заразени и починати, бидејќи од тоа нема никаква полза. Секој здравствен систем сака да ги намали бројките на смртноста од секоја болест. Останатиот дел од објавата е личен став на политичарот дека Австралија треба да отстапи од СЗО, кој не е предмет на нашата рецензија со оглед на тоа што е политички став.

Меѓутоа, не е вистина дека СЗО е злосторничка организација која ја финансираат и управуваат „сатанисти од длабоката држава“. Станува збор за тело кое исклучително придонесува во унапредувањето на здравството во светски рамки, кое има свој претседател избран на транспарентен начин со учество на сите земји членки, со финансирање кое е или од земјите членки или од донации кои се транспарентни.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во рамки на Министерството за финансии на денешната седница донесе одлука за враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на нивото од пред...