Бојана Зориќ: Медиумската писменост и младинскиот развој се суштински во справувањето со странското мешање и безбедносните предизвици

„Она што е важно според мене, кога зборуваме за дезинформациите, е решавањето на структурните проблеми, како што е медиумската писменост, бидејќи Западен Балкан има едно од најниските нивоа на медиумска писменост во Европа“, смета Зориќ

Фото: Порталб

Безбедносните проблеми на Западен Балкан сега исто така се поврзани и со дезинформациите и лажните вести кои имаат тенденција да го дестабилизираат регионот и може да го попречат остварувањето на најважните стратешки цели на Западен Балкан. За оваа и за други теми Порталб.мк разговараше со Бојана Зориќ, експерт за безбедносни прашања во Западен Балкан. Таа нагласува дека безбедносните предизвици на сајбер просторот се подеднакво предизвикувачки и за Европската Унија и за Западен Балкан, и токму поради тоа и двете страни треба да работат заедно. Според неа, медиумската писменост е клучна во решавањето на проблемот со странското мешање/влијание.

Порталб: Како геополитички регион Западен Балкан е цел на Русија и други злонамерни чинители кои се обидуваат да го дестабилизираат Западен Балкан преку дезинформациски кампањи против ЕУ. Што прави ЕУ за да се бори против тоа во регионот?

Бојана Зориќ: Предизвиците за сајбер безбедноста, како и манипулациите со информациите и странското мешање се исто толку голема закана за Западен Балкан колку што се закана и за ЕУ. Сме биле сведоци на обиди од страна на Русија за мешање во изборите во Европа преку насочени дезинформациски кампањи, преку напори за намалување на излезноста на референдумот за промена на името во Северна Македонија што на крајот ја доведе земјата до членство во НАТО во 2020 година, како и случајот во Црна Гора кога руските претставници беа вмешани во обид за државен удар чија цел беше да ја спречи земјата да стане членка на НАТО во 2017 година. Затоа ЕУ се обидува да работи со партнерите од Западен Балкан во различни и разновидни формати. Дивизијата за стратешка комуникација на ЕЕАС (Европска служба за надворешна акција) и нејзините сили, на пример, имаат мандат да обезбедат спроведување на надворешната политика на ЕУ, вклучително и во Западен Балкан, така што тие работат на подигање на свеста, развивање и имплементација на насочени пристапи за вклучување со јавноста. Она што е важно според мене, кога зборуваме за дезинформациите, е решавањето на структурните проблеми, како што е медиумската писменост, бидејќи Западен Балкан има едно од најниските нивоа на медиумска писменост во Европа. Медиумската писменост е од суштинско значење во справувањето со проблемот на странското мешање. Колку повеќе се дигитално и критички образовани граѓаните, толку е поголема можноста да можат ги оценат информациите на кои наидуваат на интернет, да идентификуваат сигурни извори и
да донесат информирани одлуки.

Порталб: На кои конкретни иницијативи или области на истражување им се дава приоритет за справување со новите закани и како тие можат да придонесат за обликување на безбедносните политики на ЕУ?

Бојана Зориќ: Сега, повеќе од кога било, безбедносните закани и предизвици се повеќе транснационални и го надминуваат традиционалниот домен на меѓународната
безбедност. Денес среќаваме многу безбедносни предизвици кои пред неколку децении не се сметаа како такви – глобалното затоплување, пренаселеноста, загадувањето, недостигот на храна, нападите врз критичната инфраструктура и енергетските резерви. Од другиот спектар имаме и безбедносни предизвици кои спаѓаат во традиционалниот безбедносен домен, како што се војните, ширењето на оружјето за масовно уништување и сајбер нападите. Со ефектите на глобализацијата стана потешко изолирањето на една безбедносната закана или конкретен случај, без истовремено да се адресира гамата на другите закани. Сајбер доменот беше во центарот на вниманието во претходните години, бидејќи со напредокот на технологијата гледаме и повеќе закани во сајбер просторот. Поради еден сè повеќе меѓусебно поврзан свет и сложената природа на безбедносните закани, не би дала приоритет на еден домен пред еден друг. Кибернетиката, екологијата, економијата, воената – сите овие области бараат внимание. Во овој поглед, истражувањето и иновациите се суштински точки на овој домен, бидејќи ние сакаме да се осигураме дека сме доволно отпорни и подготвени да одговориме штом се појави една одредена закана.

Порталб: Европската соработка за безбедност е од суштинско значење за решавање на заедничките предизвици. Како работи ЕУ за унапредување на соработката меѓу земјите-членки на ЕУ во полето на безбедноста, но и со Западен Балкан?

Бојана Зориќ: Главната рамка за работа со кандидатите и потенцијалните кандидати од Западен Балкан за членство во ЕУ е преку Заедничката надворешна и безбедносна
политика (CFSP) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP). CFSP е дел од критериумите за членство и земјите од Западен Балкан се формално поканети да се усогласат со CFSP на ЕУ. Степенот до кој земјите го постигнуваат тоа е јасно наведен во годишните извештаи за напредокот на Европската комисија за одделни земји. Целосното усогласување со CFSP е показател за посветеност и сериозна волја за интеграција во ЕУ. Според CSDP, ЕУ е ангажирана во регионот преку воената операција ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина, но и преку Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), која останува единствената цивилна мисија на ЕУ со извршна моќ. За да се зајакне безбедносната архитектура на Западен Балкан, голем број актери, вклучувајќи ги ОН, ЕУ, НАТО, треба тесно да соработуваат и да се договорат за клучните приоритети.

Порталб: Технологијата е движечка сила во обликувањето на безбедносната динамика. Како ЕУ пристапува кон интеракцијата на технологијата и безбедноста?

Бојана Зориќ: Технологијата стана интегрален дел од безбедноста и поради тоа што со напредокот на технологијата општествата стануваат поранливи на напади. Токму поради ова сè почесто почнуваме да разговараме и да се справуваме со безбедносните
предизвици во сајбер доменот. ЕУ исто така се обидува да ги разгледа начините на кои го регулираме ширењето на вештачката интелигенција, но и како да ја користиме истата во наша корист. ЕУ има своја Политика за сајбер-одбрана која се темели на четири столба: 1) заедничкото дејствување за посилна сајбер-одбрана на ЕУ; 2) обезбедувањето на заштитниот екосистем; 3) инвестирањето во сајбер-одбранбени способности; и 4) партнерството за решавање на заедничките предизвици. Точката број 4 е особено важна во однос на работата ЕУ-Западен Балкан во оваа област. Заедно со земјите-членки на ЕУ, ЕУ разви и „кутија со алатки за сајбер дипломатија“ за да се заштити од сајбер заканите кои доаѓаат од странство. Има и многу повеќе проекти и иницијативи кои се спроведуваат во рамките на ЕУ. Едно од нив е и пристапот што ЕУ би сакала да го спроведе со своите партнери. Пример е француско-словенечката иницијатива за формирање на Центар за сајбер способности на Западен Балкан (WB3C) во Црна Гора за зајакнување на регионалната соработка – сајбер заканите. Овие иницијативи се повеќе од добредојдени бидејќи ги зближуваат ЕУ и Западен Балкан, справувајќи се со истите предизвици, а потоа и усогласувајќи ги пристапите.

Порталб: Според Вас, кое би било решението за заштита на младите од Западен Балкан од анти-ЕУ и анти-НАТО наративите и за подигање на нивната свест, но и за нивна поголема посветеност на ова поле?

Бојана Зориќ: Младите претставуваат критички глас во справувањето со денешните безбедносни предизвици. Резолуцијата 2250 на ОН за младите, мирот и безбедноста беше првата резолуција од ваков вид што ги поврзува младите луѓе како агенти на промени во промовирањето на мирот и стабилноста. Тоа е она што мора да се следи на секое ниво, од локално, национално, регионално па се до европско. Еден начин да се реши недостатокот на младинското учество во одлучувањето, мировните процеси и разрешувањето конфликти е на младите да им се обезбедат достапните алатки во однос на можностите за вработување и образование, како и да им се даде можност да „го кажат своето мислење“ за голем број предизвици кои ги засегаат исто толку колку што не засегаат сите нас заедно. Младите мора да ги доведеме во центарот на политичките дискусии за безбедносните предизвици, бидејќи младите се лидери на утрешнината, и токму затоа не смееме да ги оставиме надвор од овој процес.

Порталб: За крај, која е вашата порака за младите од Западен Балкан?

Бојана Зориќ: Не се откажувајте и секогаш знајте кои се вашите права и што можете да направите. Вие сте огромно богатство за секое општество, колку поупорни сте во
пренесувањето на вашиот глас до носителите на одлуки, толку повеќе можности ќе имате.

hubmk