Бргу се прошири веста меѓу битолчани за кривичните пријави на полицијата против 26 демонстранти осомничени за шарање на зградата на Општина Битола.

Но, веста не ги изненади битолчани, туку дополнително внесе револт кај граѓаните за постапките на полицијата.

СВР Битола сè уште не ги открива имињата и презимињата на 26 лица кои добија кривични пријави, осомничени за оштетување туѓи предмети.

Од прес-службата на СВР Битола велат дека засега остануваат на информацијата објавена на веб-страницата на МВР.

Но, за битолчани е логична претпоставката дека тие демонстранти на „Шарената револуција“ што се јавија на информативен разговор во полицијата во изминатите денови, заработија и кривични пријави.

Тутунарот Кире Неделковски и млекарот Душко Илиевски велат дека уште вчера им било најавено дека ќе им биде поднесна кривична пријава, а добиле и закана дека ако продолжат со активностите во протеститите, ќе бидат и притворени.

„Што бараш на протести, што трчаш по СДСМ, сакаш Васко Ковачевски уште еднаш да стане пратеник, а Александар Кирацовски министер, ќе добиеш кривична…“, вака, според млекарот Илиевски , го советувале инпектори од полиција на информативниот разговор.

– Досега полицијата ми има поденесно неколку кривични и прекршочни пријави, ама на суд сите паднаа како круши. За време на „Сведмилк“, ме малтретираа за тоа што лепев некролози со ликот на Груевски, ама и таа пријава беше отфрлена од судот. Ми поднесоа кривична и за насилно влегување во кабинетот на градоначалникот Талески, но и таа беше отфрлена од судот. Ова е класичен притисок и заплашување на демонстрантите, ама јас поминав низ сито и решето. Мене не ме плашат ни со затвор – вели Илиевски.

Од „Битолското движење“ велат дека немаат информација кој од нив и колкумина добиле кривични пријави од полицијата, но и нив не ги изненади веста. Напротив, велат дека се мотивирани за нови герила-акции.