Пријава за ексдиректорот на ПИОМ за злоупотреба на над 22 илјади евра

Д.Б. во име на фондот склучил повеќе договори за дело и договори за извршување на самостојна работа со шест физички лица и покрај тоа што знаел дека ангажираните лица не ги извршувале доверените работни задачи

Фото: Архива, Борче Поповски

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Бирото за јавна безбедност до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против Д.Б.(45) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Од МВР велат дека во периодот од 19.02.2022 до 17.03.2023, кога ја вршел на функцијата директор на Фондот за ПИОСМ, пријавениот Д.Б. во име на фондот склучил повеќе договори за дело и договори за извршување на самостојна работа со шест физички лица, спротивно на Законот за спречување на корупција и спротивно на одредбите од членовите во склучените договори.

„Имено, пријавениот и покрај тоа што знаел дека ангажираните лица не ги извршувале доверените работни задачи, предвидени во склучените договори, а ниту пак фондот водел евиденција за редовност, во повеќе наврати извршил исплати на парични средства на трансакциски сметки на физичките лица во вредност која била утврдена во склучените договори“, известува полицијата.

На тој начин, пријавениот Д.Б. овозможил лицата да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 1.387.558 денари или 22.525 евра на штета на Фондот за ПИОСМ.